Демонстрирани борбените можности на воено-транспортните авиони Ил-76МД (ВИДЕО)

Ил-76МД

Ил-76МД

Министерство за одбрана на РФ/Global Look Press
Екипажи на воено-транспортните авиони Ил-76МД увежбуваа исфрлање бомби и борбено гаѓање од авионските топови. Министерството за одбрана на РФ објави видеоснимка од воената вежба и ги опиша снимените сцени како „уникатни за овој вид авијација“.

Според информацијата од министерството, пилотите имитираа исфрлање дневни и ноќни светлечки авиобомби и радио-фарови маркери со кои ги обележуваа целните точки за десантирање на падобранците.

По исфрлањето на бомбите е извршено гаѓање од авионските топови. Цели беа имитации на лесно оклопна борбена техника. Маневрите се изведени на полигонот Кушалино во Тверската област. Учествуваа единици од три региони на Западниот воен округ.

„Бомбите се исфрлани дење од висина од 4000 метри, а ноќе од 600 метри. Боевото гаѓање е извршено од висина од околу 400 метри. Прецизноста на примената на авионските бомби е обезбедена со нишанско-навигацискиот систем што го поседува моделот Ил-76“, објаснуваат од Министерството за одбрана на РФ.

Западните медиуми обрнаа внимание на оваа примена на руската воено-транспортна авијација во цели за кои таа обично не се користи. Така порталот The Drive напиша дека тоа се „интересни маневри“ за современото воено воздухопловство. Во статијата се истакнува дека Ил-76МД може да носи четири бомби П-50Т на носачите под секое крило, а наместо светлечки можат да се користат бомби со боево полнење.

Порталот потсетува дека уште пред пет години Воздушно-космичките сили на РФ најавија почеток на подготовките на екипажите на воено-транспортната авијација за напад на непријателски цели. Тоа го овозможува конструкцијата на крилата Ил-76МД. Покрај тоа, носачите за бомби можат да се монтираат и на други авиони од советскиот период. На пример, на турбоелисниот авион Ан-26.

Военото воздухопловство на Ирак во првите години на борбата против терористите активно ги користеше своите транспортни авиони Ан-32 како бомбардери. Индија исто така преправи неколку свои товарни авиони за да можат да се пуштаат бомби само од задната врата со рампата за истоварување на товарот.

САД во Виетнамската војна користеа C-130 за исфрлање на бомби, наводно за чистење на зони во кои се спуштаат хеликоптери, но тоа често беше правено со цел уништување на непријателот. Истата тактика американските трупи ја применуваа и во Ирак 1991 година и во Авганистан 2001 година. Во Персискиот залив со бомби од транспортни авиони беа уништувани мински полиња, а во Авганистан тунели направени од терористите.

Авторите на статијата истакнуваат дека идејата за користење транспортни авиони како бомбардери се појавила уште пред почетокот на Втората светска војна. Таа е актуелна и денес, по толку децении.

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња