Кон средината на јануари, на последниот ден од својот премиерски мандат, Дмитриј Медведев го потпиша указот за издвојување од буџетот на 127 милијарди рубли (повеќе од две милијарди американски долари) за изградба на најмоќниот мразокршач на светот. Бродот ќе се вика „Лидер“ и ќе има моќност од 120 мегавати.
Мразокршачот ќе биде завршен до 2027 година. Договорот е потпишан со бродоградилиштето „Ѕвезда“ на рускиот Далечен Исток.
Тоа ќе биде најскапиот проект во историјата на современа Русија, но истовремено и најпрофитабилниот, не само за Русија, туку и за нејзините партнери.
Кому и зошто му е потребен „Лидер“?
Главната цел на изградбата на „Лидер“ е да се обезбеди транспортот на товар по Северниот морски пат во текот на целата година.
„Транспортот на роба од Европа во Азија по Северниот морски пат е двојно побрз отколку преку Суецкиот канал. Но понекогаш подолго трае поради непроодниот мраз во регионот, а и да не зборуваме за тоа дека овој пат и не функционира во зимскиот период, т.е. шест месеци годишно. Сите тие проблеми ќе ги реши „Лидер“, затоа што уште на тестирањето на проектот се покажа дека тој крши мраз со дебелина од 4,3 метри при брзина на пловидба од 2-3 јазли (2-3 морски милји на час)“, изјави за порталот Russia Beyond извор во руската воена индустрија.
Сега пловидбата по Северниот морски пат е оневозможена во текот на шест или седум месеци поради мразот кој може да биде дебел два метра. „Лидер“ ќе го реши тој проблем. Тој ќе го крши тој мраз со брзина од 13 јазли и ќе прави премин широк 50 метри за бродовите што кои носат роба од Европа во Азија и обратно.
„Бродот има огромен потенцијал. Благодарение на него, прометот на роба по Северниот морски пат може да достигне 70 милиони тони годишно. Тоа е особено актуелно кога станува збор за транспортот на руда во Азија“, додаде наведениот соговорник на порталот Russia Beyond.
Карактеристики на „Лидер“
Овој брод на нуклеарен погон е неверојатно автономен. Може да плови четири-пет години без замена на нуклеарното гориво. Единствено при влегувањето во пристаништата мораат да се обновуваат резервите неопходни за функционирање на екипажот, и тоа на секои осум месеци пловидба.
Тактичко-технички карактеристики на „Лидер“:
Должина: 209 метри;
Ширина: 47,7 метри;
Висина: 18,9 метри;
Газ: 13 метри;
Депласман: 70600 тони;
Моќност: 120 MW;
Брзина: 23 јазли (23 морски милји на час);
Максимална дебелина на мраз: 4,3 метри;
Екипаж: 63 члена.