„Ди Велт“: Воената моќ на Русија поголема од кога и да било

Наука и технологија
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА

Германскиот весник „Ди Велт“ шири параноја кај луѓето, преувеличено прикажувајќи ја опасноста што за соседите ја создава „агресивната и непредвидлива Русија“. Покрај фамозните „сајбер-напади“ и „провокации“, на Европејците од страна на Русија, според експертите со кои разговараше авторот на текстот, им се заканува и „нуклеарна уцена“.

Воената моќ на Русија е поголема од кога било, а на мета на Москва е пред сé Европа. Ова се заклучоците од истражувањето на Истражувачкиот институт за национална одбрана при Министерството за одбрана на Шведска. „Русија на Владимир Путин повторно стана агресивна, непредвидлива сила која сака да завладее со своите соседи или барем да ги контролира“, истакнува Хајнрих Браус, кој до 2018 година беше помошник на генералниот секретар на НАТО за одбранбена политика и планирање во седиштето во Брисел.

Руското раководство е дури и подготвено „за своите политички цели да употреби воена сила ако смета дека може да се избори со ризиците, како што може да се види од примерите со Украина и Сирија“, изјави Браус, генерал во пензија, денес виш научен соработник на Германското друштво за надворешна политика. Но, што стои зад моќта на Русија?

Според податоците на шведското истражување, Русија значително ги зголемила инвестициите во војската, како и бројот на воените вежби. Нејзината борбена моќ значително пораснала од 2008 година. Вооружените сили се способни победнички да поведат регионални војни во соседните региони и истовремено да бидат присутни во Сирија и Украина. И Браус истакнува: „Нé загрижува сé поголемата регионална моќ на Русија кога станува збор за традиционалните вооружени сили на источната граница на НАТО кои се засилени со нуклеарни средства“. Меѓу нив спаѓаат и новите ракети со среден дострел 9М729, насочени против Европа.

Експертот за безбедност зборува за „можноста од радикална промена во односот на силите во брз регионален напад, подготвен и проследен со сајбер-напади и кампања за дезинформација, пред НАТО да може ефикасно да реагира“. Јан Техау, експерт за надворешна политика на Германскиот Маршалов фонд во Берлин, додава: „Русија разви сценарио за прв нуклеарен напад, и технички има можност да ги нападне не само балтичките земји, туку и градовите како Стокхолм и Берлин за неколку минути со помош на ракетните системи „Искандер“ распоредени во Калининград“. Тие исто така можат да бидат опремени со нуклеарно полнење. Така, Русија има огромен потенцијал за закана. „Европа треба да биде на штрек за да не се најде во ситуација на воена и нуклеарна уцена“.

Во истражувањето се анализира и „постепениот пораст на воениот потенцијал на Русија, особено кога станува збор за таканареченото интензивно водење воени дејствија против добро вооружени непријатели“. Претседателот Владимир Путин објави дека се работи на нови извидувачки и офанзивни дронови, ласерски и хиперсонични системи, како и роботи. Но, тоа не се само соништа за ново чудо-оружје, пишува весникот, затоа што Путин веќе го има: хиперсоничното оружје „Авангард“ со можност за нуклеарно полнење, кое ниту еден западен систем за ПВО не може да го задржи. Неговата брзина е до 33 илјади километри на час, а дострелот се движи од 4000 до 6000 километри. НАТО нема ништо слично.

Весникот ја истакнува и високата ефикасност на руската подморничка флота, особено подморниците од класата „Бореј“, кои имаат неверојатни маневарски способности.

Авторите на истражувањето тврдат дека Москва користи тактика на насочени провокации, нарушувајќи ги границите на воздушниот и морскиот простор во Балтичкото Море. Овие провокации, наводно,треба да го искушуваат Западот и да проверат колкави се одлучноста и единството на НАТО. Експертот за надворешна политика Техау смета: „Исто така, можеби станува збор и за тоа да се види дали НАТО е навистина подготвено да ги оцени нетрадиционалните закани, то ест во сајбер-сферата или во хибридните конфликти, како воен напад“.