Лавров: „Русија ќе биде подготвена да им го покаже на САД „Сармат“

Наука и технологија
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА
Руските ракетни сили во Краснојарскиот крај се подготвени да преминат на новиот ракетен комплекс „Сармат“. Според претседателот на Русија Владимир Путин, не постои противракетна одбрана што може да ги запре овие ракети.

Русија им го покажа на Американците системот „Авангард“ во живо и е подготвена да им го покаже и „Сармат“, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Според него, Москва ќе биде подготвена да го додаде тоа оружје во договорот СТАРТ-3 веднаш штом ќе ја продолжи неговата важност.

„Веќе им го покажавме „Авангард“ на Американците во живо и во одреден момент ќе бидеме подготвени да го сториме истото и со „Сармат“, рече Лавров во програмата „Големата игра“ на рускиот Прв канал.

На 16 декември командантот на Ракетните сили за стратешка намена на Русија, генерал-полковник Сергеј Каракаев, изјави дека воените единици во Краснојарскиот крај се подготвени да преминат на новиот ракетен комплекс „Сармат“. Во ноември Владимир Леонтјев, заменик-директор на Одделот за неширење и контрола на нуклеарното оружје при руското МНР изјави дека ракетните системи „Сармат“ и „Авангард“ не го кршат договорот СТАРТ.

Според претседателот на Русија Владимир Путин, не постои противракетна одбрана што може да ги запре ракетите „Сармат“.