Заборавено руско оружје за кое многумина не ни чуле

Наука и технологија
ИГОР РОЗИН
Еве неколку модели руско оружје кое одлично би се вклопило во холивудските акциони филмови.

ОЦ-38

Ова е едно од најчудните дела на руските инженери. Оружјето од 2002 година во мали „тиражи“ се прави за припадниците на рускиот Спецназ.

ОЦ-38 е прв и единствен бесшумен револвер во Русија. Пиштолот користи специјални куршуми со калибар 7.62х41 милиметар кои излетуваат од цевката со брзина од 200 метри во секунда, и тоа од долната комора на барабанот, така што тресењето е помало од вообичаеното и насочено е директно на раката. На тој начин оружјето полесно се држи во саканата положба и не отскокнува за време на пукањето.

Над цевката се наоѓа ласерски обележувач на целта кој овозможува ефикасно гаѓање во затворен простор и го плаши непријателот. Токму како во холивудските филмови.

ПП-2000

Ова оружје е направено за припадниците на органи за ред и мир (МВР и ФСБ) кои дејствуваат во градски услови, а исто така и за лична самоодбрана на определени категории воени лица.

Пиштол-митралезот има калибар од 9х19 милиметри, односно ја користи најпопуларната муниција на светот која пробива плоча од титаниум дебела 20 милиметри. Стандардната рамка за ПП-2000 се прави за триесет куршуми. Резервната може да се скрие во кундакот и да се користи како потпора за време на рафална стрелба, а исто така и за брза промена на рамката во текот на борбата.

Клучна особеност на ова оружје е целосното отсуство на тресењето во споредба со конкуренцијата во сегментот на „мали“ автомати и пиштол-митралези.

ПП-2000 може да користи и придушувач, ласерски обележувач на целта и ноќни нишани со инфрацрвен спектар,

Автомат Коробов ТКБ-022ПМ

Ова оружје му беше конкуренција на „Калашников“ кога се решаваше кој модел ќе биде првиот автомат на советската армија по Втората светска војна.

Направен е според системот „булап“ (рамката со куршуми се наоѓа во кундакот, а орозот со механизмот е сместен во предниот дел на оружјето), што во тоа време беше вистинска „научна фантастика“. Новина беше и користењето на првите композитни материјали врз база на пластика (наместо вообичаеното дрво и метал) со цел да се намали тежината и да се зголеми ергономијата на оружјето. Покрај сето тоа, оружјето имаше и слична густина на пукањето на полигон како и автоматот „Калашников“.

Од друга страна, иновациите на Коробов беа малку сомнителни за конзервативните генерали. Пораз на автоматот Коробов на тестирањето најмногу му донесе неговиот „вселенски“ дизајн, како и примената на необичната (за тоа време) пластика и фактот што чаурите се одбиваа директно во лицето на стрелецот кој пука од лево рамо.

Оружјето беше практично целосно заборавено. Единствениот примерок од тестирањата од крајот на четириесеттите години од минатиот век и денес се чува во музејот на фабриката за оружје во Тула (170 километри од Москва).