Путин: Треба да се прават повеќе беспилотни летала, ласерско оружје и роботи

Наука и технологија
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА
Владимир Путин смета дека опремата на руската армија треба да биде „последниот збор на науката и техниката“.

Рускиот претседател изјави дека треба да се прошири линијата на набљудувачки и јуришни беспилотни летала, роботи, ласерски и хиперсонични системи, како и роботизирани комплекси, пренесува агенција ТАСС.

Тој објасни дека во 2020 година ќе започне работата на програмата за вооружување до 2033 година.

„Треба да биде проширена линијата на беспилотни набљудувачки и јуришни летала, ласерски и хиперсонични системи, т.е. оружјето засновано на нови принципи на физиката, како и роботизираните комплекси кои можат да извршуваат разновидни задачи на бојното поле“, рече Путин.

Тој нагласи дека основната задача во новиот период е да се подобри квалитетот и квантитетот на „современите перспективни модели на високопрецизното оружје и средствата на воздушно-космичката одбрана“. Истовремено тој додаде и дека при создавањето ново оружје треба да се применува вештачка интелигенција.

Путин изјави дека нивото на најновото вооружување во руската армија треба да се намали на 70% и да не се спушта. „Успеавме фактички да направиме чекор напред во споредба со другите водечки воени сили во светот“, додаде тој.

„Што значи тоа во пракса? Тоа значи дека опремата на нашите Вооружени сили и покрај бурните технолошки промени во светот мора да биде последниот збор на науката и техниката“, рече Путин.

Претседателот на РФ изнесе податок дека некои домашни модели на воена техника се „неколку години пред“ сличните странски модели.