Тенковите од новата генерација Т-14 „Армата“ веќе до крајот на оваа година во руската армија?

Vitaly V. Kuzmin/www.vitalykuzmin.net
Руската воена индустрија го комплетираше првиот контингент на експериментални тенкови Т-14 „Армата“, кои можеби до крајот на оваа година ќе влезат во оперативните единици на руската армија.

Првиот експериментален контингент основни борбени тенкови од новата генерација Т-14 „Армата“ треба да влезе во оклопните единици на руската армија кон крајот на 2019 или почетокот на 2020 година. Ова на новинарите од редакцијата ТАСС им го пренесе првиот човек на државната корпорација „Ростех“ Сергеј Чемезов, кој се наоѓа во состав на високата руска делегација на авиокосмичкиот саемот во Дубаи.

„Во овој момент тенковите се во завршна фаза на производство и може да се каже дека е комплетиран експериментален контингент. Нивната испорака во единиците на руската армија се очекува кон крајот на оваа или почетокот на наредната година“, рече Чемезов.

ОБТ Т-14 „Армата“ практично според сите карактеристики ги надминува сите тенкови кои сериски се произведуваат во Русија, но и во странство. Неговата главна борбена карактеристика е навистина високиот степен на заштитеност кој се состои од пасивна и од активна оклопна заштита која според својот квалитет во моментов нема аналог на ниту еден тенк кој се наоѓа во оперативна служба, потоа одличната подвижност и проодноста, големата огнена моќ.

Главното вооружување на тенкот е новата генерација на тенковски топ со калибар од 125 милиметри, со перспективна муниција и дигитализиран систем за управување со огнот. Сите „работни“ места на кои се наоѓаат членовите на екипажот се покриени со видеокамера и со друга сензорика. Исто така, за време на неговата изработка користена е технологија за редукција на топлинската и на радарската рефлексија, со што тенкот се здоби со високи „стелтни“ карактеристики.

Основната намена на овој тенк е зголемување на ударната моќ на оклопно-механизираните единици на руската војска, борба против тешко-оклопни цели на непријателот, неговите фортификациски елементи во рамките на фронтот и утврдената жива сила.

Големиот меѓународен авиокосмички саем Dubai Airshow 2019  трае од 17.11 - 21.11. Русија планира да претстави широка гама на новитети од сферата на воздухопловството и противвоздухопловната одбрана, со посебен акцент на „борбата со беспилотните летала“. Ќе бидат презентирани модернизираниот ракетно-топовски ПВО-систем „Панцир-С1М“, високомобилните средства за ПЕБ „Сапсан-Бекас“, „Купол-ПРО“ и „Пишаљ-ПРО“. Премиера ќе имаат и авионот-ловец од петтата генерација Су-57Э, борбените хеликоптери Ми-28НЭ и Ми-171Ш, радарската станица „Сула“ за надгледување на објекти во вселената итн. Покрај штандовите на компаниите „Ростех“ и „Рособоронекспорт“, ќе биде претставено и производството на осум водечки руски холдинг-претпријатија ко се занимаваат со производство на современо вооружување за опремување на единиците на военото воздухопловство, противвоздухопловната одбрана и противелектронска борба. Тука ќе бидат присутни ПАО „ОАК“, АД „Хеликоптери на Русија“, АД „ОДК“, АД НПО „Високопрецизни системи“, Концернот ВКО „Алмаз-Антеј“, АД „Швабе“ и други.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња