НАСА бара од „Роскосмос“ места за своите астронаути на бродовите „Сојуз“

Роскосмос
Американската вселенска агенција НАСА побара од „Роскосмос“ да обезбеди дополнителни места за своите космонаути на руските вселенски бродови „Сојуз“ во 2020 и 2021 година, изјави за новинарите генералниот директор на државната корпорација „Роскосмос“ Дмитриј Рогозин.

„Добив срдечно по форма исцрпно писмо од Брајденстајн (директорот на НАСА) во кое се повикува на некаква ситуација во врска со доцнењето на комерцијалните бродови за испорака на американските вселенски екипажи на МВС“, рече Рогозин, пренесува РИА „Новости“.

Според првиот човек на „Роскосмос“, тестирањата на американските комерцијални бродови ќе бидат завршени најрано во 2021 година, така што Русија одлучила да им излезе во пресрет на колегите, што значи дека ќе биде принудена да го намали бројот на членови на своите екипажи.

„Тоа за жал ги нарушува нашите планови во врска со сетот тестирања и експерименти во рускиот сегмент на Меѓународната вселенска станица. Ќе мораме да жртвуваме нешто поради намалувањето на нашиот екипаж за да обезбедиме места за нашите американски колеги“, рече тој.

Покрај тоа, „Роскосмос“ одлучил, по барањето на НАСА, да издвои средства за изградба на два нови брода „Сојуз“, рече Рогозин.

Дмитриј Рогозин

„Дадов налог синоќа „Роскосмос“ да издвои дополнителни средства за изградба на два нови брода („Сојуз“). Производствените капацитети на нашата компанија (Ракетно-вселенската корпорација „Енергија“) подразбираат четири брода годишно, но може да се направат и пет. Таквите можности постојат и ние ќе ги искористиме. Покрај нашите планови во врска со Федералната вселенска програма, во моментов нарачуваме два нови брода“, рече Рогозин во обраќањето до новинарите.

Како што рече тој, еден брод ќе биде направен за летови на вселенските туристи во 2021 година, додека вториот „Сојуз“ е потребен за летови на меѓународните екипажи до Меѓународната вселенска станица.

Руските вселенски бродови ги доставуваат сите членови на екипажот на Меѓународната вселенска станица од 2011 година, откако повеќе не се користи американското летало „Спејс шатл“. Во моментов последното обезбедено место Американците го имаат на бродот „Сојуз МС-16“, чие лансирање е предвидено за март. Тоа ќе овозможи престој на најмалку еден астронаут до есента следната година.

Прочитајте повеќе: „Роскосмос“ и Рогозин повикуваат вселенски туристи на лет по Гагариновата рута

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња