Легендарната „Лада Нива“ по успешниот „фејслифтинг” влегува во масовно производство

Наука и технологија
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА
Lada 4х4 во рамките на најавениот „фејслифтинг” ќе добие нов надворешен изглед и целосно оригинален дизајн на ентериерот. Што се однесува до техничките карактеристики, тие остануваат непроменети.

Во септември 2019 година весникот „Росијскаја газета” објави вест дека се подготвува нов дизајн на теренското возило под некогашниот назив „Лада Нива“ (од 2006 година Lada 4х4). Сега беа соопштени и некои детали за тоа.

Како што објави порталот лада.онлайн, оваа недела е склопена партија предсериски возила на новата редизајнирана Lada 4x4. Исто така, се наведува дека новиот ентериер од пластика веќе го има изгледот наменет за сериското производство.

За екстериерот ќе бидат карактеристични новите браници, со светла за магла поставени на предната страна. Деталите на каросеријата, фаровите и другите светла нема да се менуваат.

Што се однесува до ентериерот, се очекуваат нова инструмент-табла, волан, комбинација на инструменти (слично на моделот Granta FL), централен тунел, различна внатрешност на вратите, седишта со поинаков облик со потпирачи за глава на задните седишта, тапациран плафон и руски систем за брзо реагирање во случај на несреќа ЭРА-ГЛОНАСС. Освен тоа, на покривот ќе има антена, ќе бидат поставени нови посовремени дихтунзи, модерни клима-уреди, а ќе се измени и конструкцијата на системот за греење.

Според првичните податоци, сериското производство на Lada 4x4 FL ќе започне во декември оваа година. Продажбата на редизајнираниот модел ќе започне во јануари-февруари следната година.

Инаку, рокот за производство на класичниот модел Lada 4x4 е продолжен до 2026 година. Теренското возило од новата генерација Lada 4x4 NG ќе се појави најрано во 2021-2022 година. Новата генерација Lada 4x4 ќе биде изградена на платформата Global Access (еволуција B0) на Алијансата „Рено-Нисан-Митсубиши“.

Прочитајте повеќе: Претставена најскапата „Лада”