Како рускиот ударен дрон „Охотник“ ќе ја промени постојната тактика на воздушна борба?

Наука и технологија
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА
Употребата на тешкиот руски ударен дрон „Охотник“ во тандем со ловецот Су-57 е вовед во формирањето на новата генерација на воената авијација. Стандардната формација ќе се состои од еден авион Су-57 кој ќе управува со група од 3-5 дронови. „Охотник“ ќе има и свој систем на вештачка интелигенција што ќе му овозможи самостојно да ги извршува задачите, што е императив кај ловецот од шестата генерација.

До ваков заклучок дојде интернет-порталот „Армиски стандард“. Во текстот се вели дека неодамна реализираниот получасовен лет што заеднички го изведоа ударниот дрон и Су-57 не е дел од стандардната шема „главен-помошен“.

„Дејствата на двата апарата беа инкорпорирани во заеднички, целосно поврзан систем на контрола, наведување, нишанење и борбена примена. Двата апарата изведуваа задачи во единствен мрежен систем“, напомнува авторот на овој текст, пренесува интернет-порталот РГ. Во таа прилика „Охотник“ му помогна на ловецот од петтата генерација Су-57 да го зголеми својот радарско-набљудувачки потенцијал, врз основа на што тој може да лансира ракета врз цели кои се наоѓаат надвор од зоната на дејство на ПВО на условниот непријател.

Во меѓувреме експертите посочуваат дека сличен концепт на изведување борбени дејствија во кои во пар учествуваат беспилотно летало и борбен авион може да ја промени досегашната тактика на воздушна борба. На пример, ударниот дрон кој е опремен со добро развиена форма на вештачка интелигенција нема ограничувања за преоптоварување при изведување на најсложените маневри, а кои пилотот (човек од крв и месо) едноставно не може да ги изведе.

„Тоа практично значи дека дронот нема да има проблем да ги реализира своите задачи во зона на суперсонична брзина, во пределот на стратосферата, но и во поблиската вселена “, појаснува „Армиски стандард“. Притоа се нагласува дека употребата на авиони-ловци и извидувачко-ударни дронови може да се реализира и во уникатна формација од 5-6 летала. На пример, преку еден авион Су-57 (кој има улога на команден пункт) може да се управува со група од три до пет беспилотни летала, што значително ја зголемува нивната целокупна ефикасност.

Заедничкиот лет на ударниот дрон „Охотник“ и Су-57 претставува важен чекор во понатамошното усовршување на борбената авијација. Исто така, во текстот се обрнува внимание на фактот дека, од една страна, перспективниот дрон е унифициран со новиот руски ловец од петтата генерација, а од друга страна, дека елементите на ловецот од шестата генерација сѐ уште никаде не се употребени. Затоа, дури и во случај на компромитација на врската меѓу дронот и командниот пункт (авионот Су-57), сегментот на вештачка интелигенција ќе му овозможи да продолжи да ги решава задачите самостојно врз основа на правилниот алгоритам за управување.

С-70 „Охотник“ според процените ќе достигнува маса до 25 тони, што е, на пример, двојно повеќе од тактичкиот ловец од четвртата генерација МиГ-29. Ќе може да оствари суперсонична брзина (околу 1400 км/ч), додека неговата крстосувачка брзина ќе биде во границата на високата дозвучна брзина која ќе се движи во вредност од околу 1000 км/ч. С-70 ќе може да прелета околу 5000 км и да достигне висина (плафон на лет) од преку 10000 метри. Оттаму со високопрецизно оружје ќе може да уништува непријателски копнени цели и да врши операции на воздушно извидување. Се претпоставува дека „Охотник“ ќе може да понесе до 2,5 тони убоен товар (одделни извори велат дека ударниот дрон ќе може да понесе дури 8 тони бомби и ракети).

Леталото ќе биде направено со технологија која ќе му обезбеди мала радарска рефлексивност-видливост. Основната конструкторска база за изработка на ова летало е шемата на тнр. „летечко крило“. Убојното вооружување ќе го носи во внатрешните борбени спремници, слично како кај ловците од 5 генерација. Корпусот на беспилотниот апарат ќе биде направен од композитни материјали.