Како невронска мрежа научи да ја препознава Русија?

Pixabay, Алексеј Малгавко/Sputnik
Ако од фотографиите ги отстраните сите мечки, црквите со карактеристичните куполи, тенковите и луѓето кои чучат, тоа и не е толку лесна задача.

Руската интернет-компанија „Јандекс“ лансираше онлајн игра во која на корисниците им предложи да погодат во која земја се направени различни фотографии. Снимките се преземаат од базата на фотографии кои други корисници ги аплоудирале во апликацијата „Яндекс.Карты” (што е пандан на Google Maps). Со играчите се натпреварува специјално обучената невронска мрежа Алиса, која веќе се користи како гласовен асистент во многу производи на „Јандекс“.

Со цел да ја обучат Алиса да разликува градови, програмерите зедоа фотографии од базата на кориснички фотографии на апликацијата „Яндекс.Карты” и ги поделија во две групи. Првата група ѝ ја покажаа на „Алиса“ со информации за тоа каде е направена секоја снимка. По прегледот на неколку илјади фотографии, таа стекна претстава за секоја земја врз основа на одреден збир карактеристики.

Со цел да дознаат според кои детали „Алиса“ препознава конкретен град или земја, програмерите ја поделија секоја фотографија на мали квадратчиња и повторно ѝ покажаа дел од тие квадратчиња на невронската мрежа. Потоа на Алиса ѝ покажаа делчиња од фотографии кои таа претходно не ги видела. Честопати грешеше, но некои фрагменти непогрешливо ги препознаваше. Програмерите на тој начин сфатија кои фрагменти од фотографијата ѝ помагаат на невронската мрежа да препознае некоја локација.

„На пример, таа ја препознава Холандија по комбинацијата на темни ѕидови од цигла и белите контури на прозорите, а Иран според карактеристичните лакови и орнаментите на фасадите“, соопшти прес-службата на руската компанија.

Втората група фотографии се користи само во играта. Невронската мрежа никогаш не ги видела и не ги памти во процесот на играта.

Засега луѓето имаат мала предност во однос на невронската мрежа, затоа што „Алиса” не научила да препознава регистрации на возила, текстови на продавници или патокази, ниту пак државни знамиња. Исто така, таа според правилата на игра не може да пребарува слични снимки со помош на пребарувач, што многу би ја олеснило нејзината задача.

Ако сакате да се пробате во препознавање на земјите натпреварувајќи се со Алиса, ѕирнете овде. А ако сакате да проверите дали ја разликувате Самара од Кострома, кликнете овде.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња