Во емисија на програмата „Пријомка“ на телевизијата „Ѕвезда“ е тестирана оградата „Махаон-Практика“ која ги „расфрла“ куршумите и оневозможува прецизна стрелба. Проектот настана во Центарот за специјални инженериски објекти. Сѐ уште не е воведен во експлоатација, но експерименталниот модел веќе се тестира во базата Хмејмим во Сирија.
Системот предвиден за заштита на различни воени објекти однадвор личи на обична ограда со мрежа од армирана жица. Меѓутоа, оваа ограда ја менува траекторијата на куршумот и оневозможува прецизна стрелба.
Таа нејзина карактеристика е демонстрирана во емисијата. Најпрвин низ оградата е гаѓана цел од пиштол „Макаров“ поставена само 20 см од решетката.
Еден куршум се заглави во армираната мрежа додека други се распадна а на ситни парчиња.
Според зборовите на Олег Шаповал, генерален директор на Центарот за специјални инженериски објекти, ако човек кој отвора оган е оддалечен пет метри од „Махаон“, а човекот врз кого се отвора оган стои три метри зад мрежата, веројатноста за погодок е 10%.
Потоа е одлучено низ оградата да се отвори оган од помоќниот пиштол „Јаригин“. Но, и во овој случај низ мрежата поминаа само парчиња од куршумот.
Дури ни автоматот „Калашников“ не можеше да излезе на крај со „лукавата“ мрежа.
Ист резултат покажа и снајперската пушка СВ-98 калибар 7,62 мм.
Најпосле, беше испробан и потцевниот фрлач на гранати ГП-25 „Костјор“. Во него е уфрлена распрскувача граната ВОГ-25. Радиусот на нејзиното разорно дејство е 10 метри. Гранатата направи забележливи дупки во армираната ограда, но силата на погодокот сепак беше сузбиена, а на другата страна на оградата поминаа само парчиња од проектилот.
Ни рачна офанзивна граната РГН со радиус на разорно дејство од 15 метри не можеше да ја „пробие“ мрежата.
„На прв поглед се чини дека оградата е едноставна, но во неа е реализирана многу сложена замисла“, објаснува Александар Мујземнек, шеф на катедрата за теориска и применета механика и графика на Пензенскиот државен универзитет.
Со помош на математичка симулација научниците ја дефинираа оптималната дебелина на армираната жица, нејзината густина, обликот и распоредот во просторот. Растојанието меѓу жиците е такво што куршумот никако не може да помине низ отворот.
Оградата е изработена од мека и свитлива армирана жица. Премногу цврстата жица куршумот не би ја свиткал, туку би ја разбил и тогаш парчињата жица исто така би претставувале опасност.
Уште една предност на системот „Махаон-Практика“ е во тоа што тој е поевтин од полниот оклоп и непробојното стакло.
Па сепак, тестирањето покажа дека овој проект уште може да се усовршува. Олег Шаповал најави дека конструкторите ќе ги анализираат резултатите од овие тестови и ќе го унапредат изумот за да стане уште посигурен.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче