Во Русија започнува производството на новиот хеликоптер за работа во епиконтиненталниот појас

Наука и технологија
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА

Во подготовка е производството на новиот хеликоптер Ми-171А3 за работа во епиконтиненталниот појас, соопшти за РИА „Новости“ Леонид Белих, извршен директор на „Улан-Уденскиот завод за производство на авиони“ (У-УАЗ, дел од „Хеликоптери на Русија”).

„Подготвуваме производство на оф-шор варијанта на хеликоптерот Ми-171А2. Тоа е хеликоптерот Ми-171А3 кој ќе одговара на сите потреби за работа во епиконтиненталниот појас“, рече Белих.

Според него, ваквото летало претходно не било потребно, бидејќи нафтата се добиваше главно на копно, а сега стана неопходно.

Ми-171А3 е сеопфатна модификација на повеќенаменскиот хеликоптер Ми-171А2. Наменет е за работа во епиконтиненталниот појас (продолжен дел на копното под површината на плиткото море). Деталните карактеристики на новиот хеликоптер сè уште не се објавени.