Компанијата „Кронштат“ и уште неколку други руски претпријатија заеднички развија противпожарна воздухопловна бомба со маса од 250 килограми. Оваа бомба ќе се користи од летачки беспилотни платформи. Главната намена на оваа бомба ќе биде неутрализирање на најнепристапните делови каде беснее огнена стихија. Ова го изјави на Меѓународниот авиокосмички саем МАКС-2019 генералниот директор на групата Сергеј Богатиков.
„Во моментов работиме на проект за развој на средства за гасење пожари, поточно на воздухопловна противпожарна бомба која ќе обезбеди локализација на огнена стихија. Таа е веќе развиена во потешка варијанта со тежина од 500 килограми. Бомбата од 250 килограми ќе биде наменета за употреба од беспилотни летала“, истакна Богатиков, пренесува интернет-порталот ТАСС.
Според него, во борбата со огнена стихија главната задача е рано да се идентификува почетокот на пожарот. Потоа да се испратат дежурните беспилотни летала кои добро ќе ја скенираат пошироката локација и со примена на современи противпожарни средства да се обидат да го неутрализираат пожарот уште од самиот почеток. Бомбата што ја развива групата собрана околу компанијата „Кронштат“, е наполнета со правлива противпожарна смеша и е способна да изгасне пожар на површина од околу 500 квадратни метри.
„Можеме итно да реагираме и да понудиме систем што ќе решава задачи на долги растојанија. Предлагаме формирање на група составена од беспилотни летала која ќе се бори со пожарите во сите делови на нашата земја“, рече Богатиков.
Компанијата „Кронштат“ е специјализирана за развој на беспилотни летала со голема автономија на лет и радиус на дејство, кои полетуваат од неуредени површини, како и на софистицираната опрема што се вградува на нив. Покрај развој на беспилотни летала, нејзиното поле на интерес вклучува и други проекти.
Еден од водечките руски производители на противпожарни бомби во Русија е компанијата НПО „Базалт“, кој е дел од државната корпорација „Ростех“.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче