За обнова на руската тајга погодена од пожарите може да бидат потребни и 100 години

Сергеј Фомин/Russian Look/Global Look Press
Научниците од Краснојарскиот научен центар на Сибирското одделение на Руската академија на науки соопштија дека процесот на обновување на шумите кои горат денес во Сибир ќе трае од 60 до 100 години во зависност од локацијата.

Се наведува дека времетраењето на закрепнувањето зависи од голем број фактори.

„На пример, на борот или аришот на северот на Сибир по правило ќе им бидат потребни најмалку 100 години да достигнат зрелост. Додека некаде на југот на Сибир овие дрвја можат да пораснат за 60-70 години“, објаснува Александар Брјуханов, постар истражувач на Институтот за шумарство на Руската академија на науките.

Научниците истакнуваат дека, со оглед на тоа, за обновување на шумите на северната тајга кои денес се зафатени од пожари, може да биде потребно и повеќе од еден век. Покрај тоа, голема улога во тоа играат и почвата и дрвјата што претходно растеле на тие места.

Според мислењето на научниците, огнот е нераскинлив фактор во биодиверзитетот на шумите, но сепак не треба да се смета дека шумските пожари секогаш се нормална појава. Се работи за тоа дека природниот интервал за пожари во светлите четинарски шуми на Сибир е од 20 до 50 години. На некои мочурливи терени на западот на регионот овој интервал беше 100 или 150 години. Но, денес, како резултат на климатските промени и човечката активност, интервалите на пожарите се намалија на 5-15 години.

Во Сибир во моментов горат околу три милиони хектари шума. Покрај тоа, огнот зафати и некои реони на Далечниот исток на Русија. На пример, површината на шумските пожари во Јакутија е над 1,2 милиони хектари. Жариштата се на тешко достапни места. Во гаснењето на пожарите се вклучи и воздухопловна група на Министерството за вонредни состојби и Министерството за одбрана на Русија.

Патем, руската авиокомпанија S7 Airlines поради шумските пожари привремено се преименува во Сибир и за садење дрвја ќе издвојува 100 рубли од цената на секој авионски билет продаден за дестинации во Сибир, соопшти прес-службата на компанијата. 

„Кога ќе собереме доволно пари за да засадиме милион дрвја, ќе го вратиме името S7 Airlines. Тоа е првиот чекор и се надеваме дека ќе ги инспирираме и другите компании на слични акции“, рече претседателот на советот на директори на S7 Group Владислав Фиљов. 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња