Актуелно: Почна сериското производство на лесниот ловец од генерацијата 4++ МиГ-35

Максим Блинов/Sputnik
Сериското производство на новиот ловец Миг-35 од генерацијата 4 ++ веќе започна, рече извршниот директор на РСК „МиГ“ Илја Тарасенко. Комбинацијата од поволната цена и исклучителните тактичко-технички карактеристики заинтересира потенцијални купувачи од голем број земји.

„Се надеваме дека во најскоро време ќе потпишеме нов договор за испорака на неколку десетици дополнителни летала МиГ-35. Во секој случај, нивниот број зависи од потребите на нашите нарачатели“, ги пренесува зборовите на првиот човек на воздухопловната компанија „МиГ“ интернет-порталот РИА „Новости“.

Тој додаде дека за набавка на борбениот авион МиГ-35 се заинтересирани земји од Југоисточна Азија и Блискиот Исток. Неодамна беше објавено дека и Турција е заинтересирана за МиГ-35, пренесува порталот Marsonline. 

Воздушно-космичките сили (ВКС) на руската армија ги добија првите примероци на авионот МиГ-35 на почетокот на јуни оваа година. Се очекува дека до крајот на 2019 година ВКС ќе добијат уште четири вакви летала, пренесува интернет-порталот „Взгљад“.

Најновиот производ на компанијата „МиГ“ е повеќенаменски авион-ловец од генерацијата 4++. Резултатот е на длабока, сеопфатна модернизација на борбените апарати МиГ-29К/КУБ и МиГ-29М/М2. Првенствено е наменет за постигнување апсолутна воздушна доминација на кратки и средни растојанија (тактички ловец). Покрај примарната улога на ловец, овој авион е оспособен да изведува и прецизни напади врз копнените и поморските сили на непријателот, така што може да се смести и во категоријата ловец-бомбардер.

Со иновативните конструкторски решенија значително е зголемена борбената носивост на убоен товар, а со интеграција на посилните и истовремено поекономични мотори и дополнителниот простор за гориво, зголемен е неговиот оперативен борбен радиус.

Претпоставката е дека во следната деценија овој авион во поголем број ќе влезе во руските воздухопловни единици (ВКК). Обемот на набавките нема да заостанува зад авионите со ознаката „Сухој“. Според различни проценки, Министерството за одбрана на Руската Федерација е подготвено да му понуди на концернот „МиГ“ договор за набавка на 70-80 авиони МиГ-35. Договорот би требало да се реализира до крајот на 2027 година. Руската воздухопловна индустрија очекува овој авион да донесе одличен резултат кога станува збор за извозот.

Прочитајте повеќе: Американски медиуми во својата анализа „судрија“ два ловца – руски МиГ-35 и американски Ф-35

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња