Пронајден руски „тенк на нуклеарната апокалипса“

Наука и технологија
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА
Градот Каменск-Шахтински во Ростовската област доби на чување уникатен експонат – таканаречениот тенк на нуклеарна апокалипса. Тоа е високо заштитено превозно средство „Ладога“. На времето беа направени само пет такви машини.

Оваа техника имаше намена да служи како командно-штапско возило на највисокото военополитичко раководство на СССР. Тие пет примероци уште ги нарекуваа и „тешки лимузини“. Поради оклопот беа тешки по 42 тона, соопштува весникот „Росијскаја газета“.

Конструкторите поставија на „Ладога“ моќен уред за вентилација и филтрирање на воздухот, дополнителни шишиња со кислород и клима-уред. Возилото можеше да прими шест лица кои во тоа време ги имаа на располагање најнапредните системи за врска и набљудување. Во возилото имаше телевизиски камери и уреди за контрола на околината.

Првиот примерок е направен на шасија на тенкот Т-80 во првата половина на 1980-те. Првично како погон се користеше гасна турбина ГТД-1000ТФ со 1100 КС која ја користеа тенковите, а потоа уште помоќниот ГТД-1250. Моторите имаа автоматско чистење од прашина, дури и од радиоактивна прашина.

На пат возилото развиваше брзина од 70 км/ч и со еден резервоар може да помине 350 км.

„Ладога“ првпат беше применета во 1986 година во Чернобил, каде што беше искористена за извидување на теренот.

Искуството од создавањето на овој „тенк на нуклеарната апокалипса“ се користеше при создавањето на современата техника.

Треба да се истакне дека во 2013 година беше најавено дека поради застареноста на „Ладога“ за потребите на военото раководство на Русија ќе биде направен уште еден „тенк за евакуација“, но веста беше демантирана.