Замислете дека сега е 2030 година и дека сте во Русија. Доаѓате на Московската хајперлуп станица, седнувате во капсула и пристигнувате во Санкт Петербург за само 33 минути. Речиси и да не ја забележувате необичната брзина од 1200 километри на час и седете опуштено додека капсулата ве носи низ цевка со вакуум во културната престолнина на Русија. Тоа е првиот „хајперлуп“ систем во Русија и целиот свет, а вие сте еден од првите негови патници!
Интересна идеја, нели? „Хајперлуп“ прв го осмисли Илон Маск во 2012 година и таа идеја со години ги опседнувва љубителите на нови технологии. Соосновачот на компанијата Virgin Hyperloop One Џош Гигел во 2017 година дури и претпостави дека Русија навистина може да биде првата земја која ќе го реализира овој проект. До кој степен, сепак, е остварлива таа идеја во денешна Русија? Можеме ли да се надеваме дека ќе го видиме нејзиното остварување во блиска иднина?
Во Русија во текот на 2016 и 2017 година беа направени првите чекори во насока на реализација на хајперлупот кога компанијата Hyperloop One и руската компанија Summa investment and trading group разговараа за плановите за изградба на товарен хајперлуп во должина од 65 километри, што ќе ги поврзува рускиот Далечен Исток и соседна Кина (Зарубино-Хунчун). Меѓутоа, проектот беше занемарен кога во 2018 година беше уапсен Зивавудин Магомедов, инвеститор и сосопственик на „Сума“. Оттогаш немаше никаков конкретен напредок во однос на ова прашање.
Во контекст на разговорите за изградба на нова брза магистрала на линијата Москва-Санкт Петербург, повторно станаа актуелни приказните за хајперлуп. Руските експерти од Институтот за проблемите на природните монополи (IPEM) пресметаа дека предложената железничка пруга може да чини 1,5 билиони рубли (24 милијарди долари), што е поскапо од хајперлупот кој би чинел 1,18 билиони рубљи (19 милијарди долари). А тоа понатаму значи дека е во прашање алтернатива која треба да се земе предвид.
Футуристичкиот хајперлуп е навистина многу повозбудлива варијанта од новата, но сепак обична железничка пруга на картата на Русија. Покрај тоа, експертите тврдат дека таквото уникатно патување најверојатно нема да биде евтино. Според нивните процени, најевтиниот билет во еден правец би чинел 16100 рубли (257 долари), т.е. 13-18% од просечната плата на жител на Москва или Санкт Петербург. Тоа понатаму значи дека хајперлуп во Русија би бил економски оправдан единствено кога со него секој ден би патувале 2,4-7,6% од најбогатите Руси, што не е доволно за властите сериозно да го земат предвид овој проект.
Ни други руски аналитичари не покажуваат преголем ентузијазам во поглед на иднината на хајперлупот во Русија. Засега идејата постои само на хартија и премногу е тешко да се одреди колку би чинела нејзината реализација. Во секој случај, засега овој проект изгледа како работа која не е профитабилна, вели Генадиј Николаев, експерт на Академијата за финансиски и инвестициски менаџмент. „Проблемот е во тоа што во овој момент не е можно да се реализира проектот на начин што ќе биде економски оправдан. За да се зголеми бројот на патници мора да се зголеми и бројот на цевки, но со тоа проектот дополнително поскапува“, вели тој. „Тоа би можело да биде привлечно за Кина, каде што има потреба за опслужување на огромен број патници. Во Русија не постои таков проблем. Ние често ја разгледуваме економската оправданост на брзите возови на линијата Москва-Санкт Петербург, тогаш зарем сериозно може да се зборува за хајперлуп?“
Малку поголем оптимист е Петар Пушкарјов, аналитичар на компанијата TeleTrade. Според него, дури и ако не се работи за профитабилен проект, дури и ако тоа е економски ризик, сепак хајперлуп секако би бил одличен руски бренд кој би го привлекол вниманието на светската јавност и мноштво туристи. „Тоа ќе биде прв и единствен таков проект на светот“, вели тој. „Но, во тој случај ќе биде неопходно да се промовира на вистински начин“.
Сѐ на сѐ, експертите се сомневаат дека Русија прва во светот ќе ја реализира идејата на Илон Маск. Дури и ако не се земе предвид севкупната економска неоправданост и ако се претпостави дека странските инвеститори можат да бидат заинтересирани за финансирање на таков проект во Русија, ќе има многу геополитички фактори кои можат да го забават процесот на реализација. „Странските инвеститори ќе мораат да вложат големи суми на пари, што е ризично со оглед на [меѓународните] санкции [на кои Русија денес е изложена]“, вели Роман Алехин, основач на маркетинг-групата „Алехин и партнерите“. „Во комбинација со сѐ полошата инвестициска клима, притисокот на државата врз бизнисот и константните измени на даночните правила, тоа може да ги поттикне инвеститорите да ја разгледаат опцијата за вложување во некоја друга земја со потранспарентни „правила на игра“.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче