Русија сака супербрзи возови на Далечниот Исток

Првиот модел на 70-километарската магистрала се планира да биде презентиран во септември 2016.

Рускиот министер за транспорт Максим Соколов ѝ предложи на калифорниската компанија „Хајперлуп Уан“ (Hyperloop One) да изгради железница за супербрзи возови во вакуумски цевки на Далечниот Исток. Проектот може да биде реализиран во Приамурје за транспорт на стоки од Кина. Ова го изјави Соколов за новинарите на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург на 16 јуни.

Министерството за транспорт смета дека проектот ќе се реализира со државна поддршка и ќе стане дел од транспортниот коридор „Приморје 2“, поврзувајќи ја кинеската провинција Џилин со пристаништето Славјанка на југот на Приморскиот крај.  Обемот на превоз се очекува да достигне 10 милиони тони товар годишно.

Според Соколов, инвеститорите сметаат дека изградбата на 70 километри магистрала е за 30% поевтино од иста таква изградба на железничка пруга од 30-40 милијарди рубли (463-616 милиони долари). Расходите за проектот би можеле да достигнат 318-425 милиони долари. Извор во Министерството за транспорт соопшти дека со барање инвеститори за проектот ќе се занимава „Хајперлуп“, соопштува „РБЦ“.

Коосновачот на „Хајперлуп Уан“ Шервин Пишевар пристигна на ПМЕФ-2016 за презентација на иновативниот проект за брз воз кој го помина својот прв тест во државата Невада, САД, во мај 2016 година. Министерството за транспорт се договори со претставникот на компанијата да се формира работна група за изградба на високобрзинска железница во Русија.

„Се согласивме дека ќе се зафатиме со развој на проектот од денес, за да можеме да го презентираме првиот модел веќе на Источниот економски форум на почетокот на септември во Владивосток“, изјави Соколов во интервју за рускиот телевизиски канал НТВ.

Проектот за супербрза магистрала „Хајперлуп“ првпат го претстави во 2012 година познатиот пронаоѓач Илон Маск, основач на „Тесла Моторс“ (Tesla Motors) и „СпејсЕкс“ (SpaceX). Според проектот, ваквите вакуум возови може да достигнат брзина и до 1220 км/ч.

Денес со реализација на футуристички идеи се занимаваат две конкурентски американски компании „Хајперлуп транспортни технологии“ (Hyperloop Transport Technologies) и „Хајперлуп Уан“. Проектите се разликуваат во технолошките пристапи. Кај ХTT движењето на возовите е врз основа на принципот на воздушно перниче. „Хајперлуп Уан“ користи технологија на пасивна магнетна левитација.

Во март 2016 Mashable објави дека „Хајперлуп транспортни технологии“ потпишале договор со владата на Словачка за идна изградба на суперсоничен транспортен систем што ќе ги поврзе Братислава со Виена и Будимпешта.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња