Што презентираше Русија на авиосалонот во Ле Бурже

Владимир Маљаренко (CC BY-SA 4.0)
Руската авионска индустрија ќе се бори за цивилниот пазар на Латинска Америка и Југоисточна Азија нудејќи ги своите хеликоптери „Ансат“ и авионот-амфибија Бе-200.

Првпат по присоединувањето на Крим со Русија 2014 година и кризата во односите со Европа, руската авионска индустрија ја претставува својата техника на воздухопловната изложба во Ле Бурже (Франција). Русија на аеромитингот ќе презентира производи за цивилна и двојна (воена и цивилна) намена, затоа што Москва нема многу шанси да извезува воени летала во земјите на НАТО.

Оваа година на најголемата европска воздухопловна изложба ќе бидат претставени хеликоптерите „Ансат“ и авионот-амфибија Бе-200.

Авион за спасувачи

Бе-200 е авион-амфибија кој го користат службите на Министерството за вонредни состојби на РФ. Служи за гасење шумски пожари и за спасување на настрадани во непристапни подрачја.

Бе-200

Главната особеност на „амфибијата“ се состои во тоа што овој авион ја зема водата при слетување на езеро или на широка и длабока река, од каде и полетува кога ќе ги наполни резервоарите. Затоа оваа техника најмногу ја купуваат држави со широки реки и езера, како што се земјите од Југоисточна Азија и Латинска Америка.

Во прашање е авион со двојна (воено-цивилна) намена. Во резервоарите собира 12 тони вода (резервоарите имаат осум секции, така што водата може да се испушти истовремено или поединечно), и истовремено авионот може да понесе 8 тони товар.

Интересен е податокот дека овој авион на почетокот имаше мноштво разни варијанти опрема и намена. Едно време дури беа водени и преговори со компанијата „Ролс-Ројс“ за производство на мотори за модел кој би бил промовиран на западниот пазар.

Меѓутоа, подоцна раководствата на Министерството за одбрана на РФ и Министерството за вонредни состојби на РФ донесоа одлука авионот да се произведува во домашни фабрики за да се избегне зависноста од политичката ситуација.

Хеликоптер „Ансат“

Оваа машина спаѓа во класата лесни хеликоптери кои можат да носат 1,3 тони товар и девет лица.

Хеликоптер „Ансат“

Хеликоптерот има една елиса со два мотора од по 620 КС. На кабината од композитни материјали се надоврзува опашката со хоризонтален стабилизатор и вертикални граничници.

Во зависност од опремата хеликоптер може да се користи како за цивилен транспорт (патници, товар), така и за патролирање на терен и спасувачки операции. Со полн резервоар „Ансат“ поминува 520 километри со крстосувачка брзина од 240 км/ч. Може да се подигне на висина од 6000 метри.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња