Русите до 2025 година ќе изградат универзален носач на хеликоптери од рангот на француски „Мистрал“

Слободан Ѓукиќ
Проектот за универзален десантно-транспортен брод, пандан на носачот на хеликоптери од класата „Мистрал“, ќе биде завршен до крајот на 2020 година. Првиот брод со такви карактеристики што ќе го добие руската Воена морнарица треба да влезе во вооружувањето до 2025 година, пренесува добро информиран извор од руската воена индустрија.

Изворот напомена дека „во 2020 година се планира заклучување и примопредавање на техничките спецификации за развој на универзален носач на хеликоптери кој е аналоген на „Мистрал“, пренесува интернет-порталот РИА „Новости“. Руската армија планира да нарача два такви брода „од кои едниот ќе влезе во вооружувањето околу 2025 година“.

Се потсетува дека врз основа на конкурс ќе биде одбран најдобриот проект што ќе го направат руски проектно-конструкторски бироа. Претпоставката е дека усвоениот проект за бродот-носач ќе може да носи ескадрила повеќенаменски борбени хеликоптери (12-16 летала) како и дека неговиот депласман нема да биде помал од 20 илјади тони.

Покрај хеликоптери, бродовите од оваа класа можат да превезат и голем број војници, како и друга борбена техника. Што се однесува до „Мистрал“, тој може да пренесе и до 900 војници на пократки релации.

Изворот објасни дека се работи за проект за носач на хеликоптери, а не за експедициски тип на брод. За плановите за изградба на оваа класа бродови во повеќе наврати се огласи и претседателот на Обединетата бродоградежна корпорација Алексеј Рахманов, пренесува интернет-порталот „Взгљад“.

Во 2011 година беше склучен договор за купување два носачи на хеликоптери „Мистрал“ за сума од 1,2 милијарди евра. Договорот беше потпишан меѓу француската компанија DCNS/STX и руски „Рособоронекспорт“.

Првиот брод од оваа класа под називот „Владивосток“ требаше да биде испорачан во ноември 2014 година, но поради ескалацијата на кризата во Украина и воведувањето санкции од страна на земјите на ЕУ против Русија, тогашниот претседател на Франција Оланд се реши да го поништи договорот. На крај „Мистралите“ завршија во Египет.

Во мај оваа година Рахманов изјави дека на Русија ѝ е потребен носач на хеликоптери кој сепак ќе се разликува од бродовите од класата „Мистрал“.

Погледнете го видеото: Тестирање на „рускиот Мистрал“

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња