Американските воени експерти предупредуваат за појава на сериозен конкурент на нивниот адут F-35

Борис Кисов
Рускиот МиГ-35 може да стане сериозна конкуренција на американскиот ловец F-35, сметаат американските воени специјалисти. Апсорбирајќи ги сите најдобри летечко-технички параметри на својот претходник (МиГ-29) како што се високиот степен на маневарбилност, одличниот баланс меѓу потисокот и тежината, сигурноста и способноста за полетување од неуредени писти, конструкторите со новиот МиГ-35 направија квалитативен скок во поглед на проширувањето на убојниот арсенал што овој авион може да го понесе.

Тоа веќе не е класичен ловец-пресретнувачи кој е наменет исклучиво за остварување на превласт во воздухот, туку многу модерен повеќенаменски авион кој може да дејствува како класичен бомбардер со употреба на широк спектар на оружје од класата „воздух-земја“ како наведувани воздухопловни бомби и ракети, наведува интернет-порталот РГ.

„Миг-35 ги задржа сите најдобри карактеристики што го красеа неговиот претходник: од едноставноста и маневарбилноста на основната верзија МиГ-29 па сѐ до цврстината на комплетната конструкција применета на неговата палубна варијанта“, се нагласува во текстот што го објави американскиот интернет-портал „Национален интерес“, поточно нивниот воен аналитичар Марк Епископос.

Од новите технологии кои станаа дел од пакетот на МиГ-35 треба да се издвои новиот радар со активна фазирана антенска решетка „Жук-А“  кој може да детектира цели на растојание и до 200 километри, намалената радарска рефлексивност, новиот систем за управување и уште многу други нешта.

Пробните пилоти кои го тестираа овој авион на аеродромот Лиховице (Москва) беа особено воодушевени од ударниот/бомбардерски потенцијал на новиот авион. Со девет точки за закачување на убоен товар и напредни алгоритми за управување на огнот, најновиот производ на руската компанија „МиГ“ значително ги надминува сите модели кои се направени врз основа на авионот Миг-29, но и странските пандани.

Овој авионот ќе може да го употребува целото семејство на воздухопловни бомби КАБ-500 кои одлично се покажаа во Сирија, но и друго наведувано оружје од класата „воздух-земја“ со голема разорна моќ.

Прототипот на повеќенаменскиот ловец МиГ-35 се наоѓа во програмата за тестирања на летот. Новиот авион доби висока оцена во Кина, а особено голем интерес за негова набавка е забележан во Индија. Интерес за купување на новиот руски ловец-бомбардер е забележан во 60% од земјите кои во експлоатација имаат тактички ловци МиГ-29. Бидејќи се работи за многу пософистицирано летало, за потребите на овие земји веќе е направена програма за дополнителна обука на пилотите и изградба на неопходната инфраструктура за негова ефикасна експлоатација.

МиГ-35 претставува повеќенаменски авион ловец од генерацијата 4++. Резултат е на длабоката, сеопфатна модернизација на борбените апарати МиГ-29К/КУБ и МиГ-29М/М2. Првенствено е наменет за остварување на апсолутна воздушна превласт на мали и средни растојанија (тактички ловец). Покрај примарната улога на ловец, овој авион е оспособен и да изведува многу прецизни напади врз копнени и поморски сили на непријателот, така што може да се смести и во категоријата на ловци-бомбардери. Со иновативните конструкторски решенија значително е зголемена борбената носивост на убоен товар, а со интеграцијата на посилни и истовремено поекономични мотори и дополнителниот простор за гориво е зголемен неговиот оперативен борбен радиус. Претпоставката е дека во наредната деценија овој авион во поголем број ќе влезе во руските воздухопловни единици и дека обемот на набавка нема да заостанува зад авионите со ознаката „Сухој“. Според различни процени, Министерството за одбрана на Руската Федерација е подготвени да му понуди на концернот „МиГ“ договор за набавка на помеѓу 70-80 авиони МиГ-35 кои до крајот на 2027 година би влегле во состав на Воздушно-космичките сили на РФ.

Прочитајте повеќе: Кои се предностите и недостатоците на новиот МиГ-35

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња