10 најлуди експерименти со автомобили изведени во руската „Гаража 54“ (ВИДЕО)

Наука и технологија
АНА СОРОКИНА
Овие автомеханичари од Новосибирск поправаат чукнат браник со кинески тестенини и оспособуваат „ока“ за лет! Сето тоа од чиста љубопитност! Па, и за малку наши лајкови!

Признајте дека отсекогаш сте сакале да знаете дали руските автомобили понекогаш наместо бензин пијат вотка и дали се претвораат во подвижна скара. Авторите на каналот „Гаража 54“ на Јутјуб и на Инстаграм ни раскажаа како им паѓаат на ум најлудите експерименти со автомобили.

1. Да се напумпа гумата со кока-кола

Да кажеме дека гумите малку ви попуштиле и дека немате пумпа. Тогаш одите во најблиската продавница, купувате кола и повторно сте зад воланот. Не верувате? Тука е „Гаража 54“ да ве научи.

2. Десетчасовно возење во круг

Еднаш авторите на блогот имаа десет слободни часа за без престан да се вртат во круг во снег. Самиот проект „Гаража 54“ се појави во февруари 2016 година кога жителите на Новосибирск Александар Лукјанов и Владислав Барашенков се снимаа додека поправаа кола во гаражата, а снимката неочекувано доби над 200.000 прегледи! Тогаш тие решија да водат свој канал на Јутјуб. Сега во екипата „Гаража 54“ (54 е регистарски код за Новосибирск) има 10 луѓе, а каналот има речиси 2.5 милиони следбеници.

3. Што ќе се случи ако акумулаторот се напие кока-кола?

За своите експерименти блогерите главно купуваат стари автомобили „ока“ и „жигули“. Александар вели дека тие можат да го поднесат кое било малтретирање. На пример, што ако акумулаторот се наполни со вотка, со вино, со кока-кола... Секако дека ќе се движи. Па, тој е „сделано в СССР!“

4. Пливачки „запорожец“

Првите експерименти се снимени во гаражата на Владислав, а сега блогерите градат свое „филмско“ студио. Но, нешто се снима и на отворено. Што велите за оваа идеја за одмор под отворено небо: претвораме „запорожец“ во чамец и одиме на рибарење.

5. Лада жигули, тојота корса и ауди 100 по една година под земја

Блогерите решија да проверат како пали кола која е ископана од под земја по една година. За експериментот жртвуваа „жигули“, „ауди“ и „тојота“.

„Потоа сакавме колите да ги дадеме за старо железо. Две коли ги измивме, а за третата долго баравме пералница во која ќе се согласат да ја измијат. На крајот сепак најдовме“, вели Александар.

Видео: Експеримент со закопани автомобили

6. Поправка на браникот со кинески тестенини

Добро прочитавте! Во експериментот учествуваа два познати во Русија производители на кинески тестенини и еден чукнат браник. Зачини не беа потребни. До зачини не стаса работата.

7. Два километри селотејп наместо тркала

Може ли селотејп да замени тркала? Чудно прашање, но мајсторите од Новосибирск и на ова имаат одговор. Само два километри селотејп и среќен пат!

8. Двоглав автомобил

Го знаете ли цртаниот „Мачкер“? Е, па ова е нешто слично на тоа. Излезе интересно, само возачите да се договорат каде ги води патот.

9. Трупец наместо тркала

Малку им недостасуваше да направат тркала од камен, па да се сетиме на Флитсонс.

10. Летачка „ока“

Кога може килим, може и „ока“ си помислија блогерите и ја закачија на воздушен балон. „Заборавивме дека секој воздушен балон има свој регистарски број, па пилотот брзо го најдоа и му врачија дури 7 сообраќајни казни“, вели Александар.