Малкумина странски туристи го посетуваат градот Тула, но тоа е родното место на многу нешта по кои Русија е позната ширум светот. Лав Толстој е роден во Тула, градот произведува познати пушки, самовари и кондиторски производи. Исто така, прави микрофони кои ги користат групи како Рејдиохед. Еве што треба да знаете за легендарната фабрика „Октава“, која прави опрема за снимање звук од светска класа.
1. Почеток во мала работилница
Press photo
Во 1927 година, локални радио-аматери отворија работилница во Тула за производство на компоненти за радио. Радиото во СССР се развиваше со молневита брзина, а производите на занаетчиите од Тула беа толку популарни што работилницата се претвори во фабрика. До 1930 година фабриката испорачуваше радио-компоненти во 52 градови ширум целата земја.
2. Звучници за Црвениот плоштад
Press photo, Yevgeny Khaldei/MAMM/MDF/russiainphoto
Фабриката, исто така, отвори сопствена лабораторија, која за пет години го разви радиоприемникот Т-35 (нема поврзаност со тенкот Т-34), кој победуваше на радио-натпревари на пансоветските простори. Подоцна, фабриката произведе динамичен микрофон и улични звучници, кои беа поставени на плоштадите во Москва, вклучувајќи го и Црвениот плоштад. За време на Втората светска војна, звучниците на „Октава“ беа користени за информирање на советските граѓани за важни случувања.
3. Оставија свој белег на саемот „Експо“
Press photo
Инженерите на „Октава“ произведоа звучници за советскиот павилјон на „Експо“ 1958 година во Брисел. Покрај тоа, за да ја изненадат и надминат целата планета, тие ги презентираа првите мали телефони (вклучително и за симултано толкување). На крајот, советскиот павилјон доби почесна диплома и признание во светот (како и нарачки за извоз).
4. Беа во вселената
Sputnik
Се сеќавате ли што рече Јуриј Гагарин кога неговата ракета полета на првата вселенска мисија со човечки екипаж 1961 година? „Одиме“. Тој ги кажа тие зборови во микрофон на „Октава“. Архивските фотографии покажуваат дека првиот космонаут во светот имал ситен и екстремно напреден за своето време уред поврзан со неговиот скафандер.
5. Микрофон на слика со водечкиот музички идол на СССР
Press photo
Годината е 1974. Популарноста на култниот пејач и текстописец Владимир Висоцки беше на својот врв и неговиот глас веднаш се препознаваше. Не секој микрофон можеше точно да го пренесе интензитетот на тој рапав и срцепарателен глас. На оваа слика, Висоцки настапува на советскиот микрофон МЛ-16.
6. Користени за снимање на албум на Рејдиохед
radiohead.com
Микрофонот МК-012, направен 1996 година, останува водечки производ за „Октава“. Овој микрофон го користеше Том Јорк, пејачот и гитарист на Рејдиохед, за време на снимањето на албумот „OK Компјутер“ во 1997 година.
7. Омилени на Мерилин Менсон
Press photo
Во 2015 година Мерилин Менсон настапи на популарната американска телевизиска емисија „Вечерно шоу со Џеј Лено“ (The Tonight Show with Jay Leno), користејќи лента-микрофон на „Октава“ МЛ-52-02. (Всушност, тој микрофон е наменет за студиски снимки, а не за концерти.)
8. Познати по снимки на рок музика и филмски звук
Getty Images
Со висок квалитет, но релативно евтини, производите на „Октава“ се користат од страна на водечките инженери на звук на Запад. На пример, Хју Чарлс Падгам ги користеше микрофоните на компанијата за снимање на Стинг. Тие исто така се користат од страна на Electric Audio Studio, каде што Нирвана ги направи своите снимки.
Getty Images
Октава е производот по избор на холивудски дизајнер на звук Чарлс Мејнс, кој има работено на многу познати филмови, како и на повеќе од 60 компјутерски игри (вклучувајќи ги Call of Duty 1-3, Medal of Honor, Black, Need for Speed: Underground, Spider-Man).
9. Се користат во цивилното воздухопловство и на други места
Press photo
Микрофони, слушалки, радиокомуникациски и телефонски уреди - сето тоа сѐ уште се произведува во големи количини во Тула. На пример, многу руски аеродроми се опремени со слушалки на „Октава“, додека многу руски банки ги користат микрофоните на „Октава“ за биометриска идентификација на клиентите.
10. Фокус на проекти за потрошувачите
Press photo
Во текот на изминатите неколку години „Октава“ регрутираше млади индустриски дизајнери кои сонуваат да ги направат производите на фабриката прифатливи и атрактивни. Еден од нивните ветувачки дизајни се безжични слушалки. Внимавајте, AirPods!
Press photo
Освен тоа, од 1993 година фабриката ги произведува слушните помагала „Електроника“ У-03 и денес активно развива посовремени дигитални модели.