Евтина и ултрапрецизна: „Техмаш“ со МО на РФ работи на нова ракета „воздух-земја“ „Монолит“

Виталиј В. Кузмин
Ракетата „Монолит“ ќе можат да ја употребуваат практично сите воздухопловни летала кои во своето вооружување ги имаа ненаведуваните ракети С-13 - борбените авиони и хеликоптерите. Се работи за наведувана ракета која нема да биде ништо поскапа од нејзината „ненаведувана“ претходничка С-13, што отвора исклучителни можности кога е во прашање извозот.

Концернот „Техмаш“ (дел од корпорацијата „Ростех“) со Министерството за одбрана на Русија ги договори техничките параметри кои треба да ги има новата високопрецизна наведувана воздухопловна ракета „Монолит“ со калибар 122 мм. Ова за интернет-порталот ТАСС го изјави заменик-генералниот директор на концернот Александар Кочкин на големиот воено-технички саем MILEX 2019 во Република Белорусија.

„Монолит“ претставува наведувана ракета која спаѓа во класата на високопрецизното оружје. Тоа е воздухопловна ракета со калибар 122 мм. Целокупниот проект за развој на оваа ракета се реализира од сопствени средства на концернот. Во овој момент се во тек завршните преговори со нарачателот околу техничките карактеристики кои треба да ги задоволи „Монолит“, рече Кочкин.

Според него, ракетата „Монолит“ ќе можат да ја користат сите борбени летала (авиони и хеликоптери) кои во своето вооружување ги имаа ненаведуваните ракети С-13. „Овде се работи за идејата за наведувани ракети, за што ни е потребна интеграција на адекватна опрема. Ќе го одработиме проектот за осовременување на напаѓачко-навигацискиот комплекс на леталото кое ќе биде конкретна платформа за употреба на ракетите „Монолит“, рече соговорникот на руската новинска агенција.

Неодамна генералниот директор на концернот „Техмаш“ Владимир Лепин истакна дека наведуваната ракета „Монолит“ ќе чини исто како и нејзината „неуправувачка“ претходничка, ракетата С-13. Оваа ракета е развиена во 70-те години на минатиот век и во временскиот период досега претрпе поголем број модификации кои првенствено се однесуваат на унапредувањето на нејзината боева глава.

Во периодот од 15-18 мај во Минск се одржа Меѓународниот саем на оружје и воена техника MILEX 2019. Руските производители ги претставија своите модели на вооружување на површина од околу 500 квадратни метри. Своите производи ги претставија гигантите на рускиот воено-индустриски комплекс, како што се концернот ВКО „Алмаз Антеј“, „Уралавагонзавод“, холдингот „Високопрецизни системи“, НПК „Техмаш“. Организацијата на целокупната руска експозиција традиционално ја презеде на себе „Рособоронекспорт“.

Прочитајте повеќе: Какви „тајни“ ракети прави Русија за своите борбени хеликоптери?

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња