Научниците планираат до крајот на 2021 година да го завршат тестирањето на оваа метода врз живи организми и да ги претстават резултатите од истражувањето.
Стручњаците од Институтот за општа физика „Александар Прохоров” и од Рускиот национален истражувачки медицински универзитет „Николај Пирогов” работат над уникатна метода за лекување на онколошки заболувања, во која хемотерапијата се комбинира со примена на студена плазма. Научниците веќе открија како да елиминираат преку 20 видови клетки на рак, соопшти во понеделникот за агенцијата ТАСС авторот на научниот труд, раководител на теориското одделение на Институтот за општа физика и шеф на катедрата за физика на Медицинско-биолошкиот факултет при Рускиот национален истражувачки универзитет Намик Гусејн-заде.
Плазмената медицина е нова научна област во која медицинските методи се комбинираат со пристапи засновани на достигнувањата во сферата на физиката. Таканаречената студена плазма се состои од делумно јонизиран гас кој содржи активни радикали. Се нарекува „студена“ затоа што нејзината температура при делувањето на живи организми не надминува 37-40°С. Примената на студената плазма веќе ја докажа својата ефикасност при забрзувањето на процесот на зараснување на раните и нивната стерилизација.
Авторите на истражувањето, кое финансиски е поддржано од Рускиот фонд за фундаментални истражувања (РФФИ), работат на откривање методи за лекување на онколошки заболувања со помош на студена плазма во комбинација со препарати за хемотерапија.
„Оваа метода на лекување подразбира делување со студена плазма врз болниот во комбинација со примена на хемотерапија. Успешноста на методата во борбата против онколошките заболувања е веќе докажана со низа експерименти врз клетки. Ова решение овозможува уништување на преку 20 видови клетки на рак. Целта на нашата научна работа е да се намали вкупната токсичност на хемопрепаратите и да се зголеми прецизноста на делувањето на лекувањето врз заболените клетки“, изјави научникот за ТАСС.
При експериментите со клетки на рак истражввачите забележале дека студената плазма делува само до длабочина од неколку сантиметри, додека самата терапија има кумулативен ефект. Добиените податоци ни овозможуваат да се надеваме дека лекувањето на некои облици на онколошки заболувања ќе биде можно со помош на преносен апарат за производство на плазма, над кој работат научниците. Една од методите на делување врз тумор кој се наоѓа во длабочината на телото би можело да биде делувањето на плазмата врз течноста која потоа се инјектира во организмот на пациентот.
Научниците планираат до крајот на 2021 година да го завршат испитувањето на оваа метода на живи организми и да ги претстават резултатите од истражувањето.