Новите електрични торпеда, со кои ќе бидат вооружени перспективните атомски подморници, се наоѓаат во фаза на тестирање. Испитаните модели во многу близок временски период ќе им се испорачаат на единиците на руската Воена морнарица, изјави за „Интерфакс“ генералниот директор на Државното научно-производствено претпријатие ГНПП „Регион“ Игор Крилов.
„Компанијата „ГНПП Регион“ се занимава со развој на различни типови вооружување за опремување на подморниците. Во моментов работиме на еден многу перспективен проект за конструкција на тешко електрично торпедо. Неговата развојна фаза се наоѓа при својот крај. Во моментов торпедото ги поминува државните тестирања, а ние се надеваме дека наредната година руската воена морнарица ќе биде квалитативно посилна со новото оружје“, рече Крилов.
На овој начин првиот човек на компанијата „Регион“ го опиша проектот за развој на новото торпедо со кое ќе се вооружат стратешките атомски подморници на руската армија. Генералниот директор исто така се надева дека во вооружувањето на новите подморници ќе се најде и новиот комплекс „Пакет-НК“ кој во своето вооружување има противторпедно оружје.
„Овој комплекс е наменет за пресретнување офанзивни торпеда. За нас „Пакет-НК“ е интересен по тоа што од усвојувањето на неговата идеја па до сериското производство е задолжена компанијата „ГНПП Регион“. Ние се надеваме дека антиторпедата ќе бидат употребени за решавање задачи за заштита на подморниците од новата генерација“, рече Крилов.
Според рускиот интернет-портал РГ, оваа компанија работи и на развој на ракета-торпедо која според своите брзински својства може да го надмине познатиот „Шквал“, кој исто така е производ на истата компанија. Според Крилов, „никој во светот досега нема направено борбено средство кое под вода може да развие брзина поголема од 100 м/сек (360 км/ч). Во овој момент имаме задача да направиме уште посовршена торпедо-ракета“.
ГНПП Регион е едно од водечките руски претпријатија за развој на високопрецизно оружје за потребите на руската Воена морнарица и Воздушно-космичките сили. Претпријатието се наоѓа во состав на корпорацијата „Тактичко ракетно вооружување“.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче