Може ли да се освои Русија назима?

Валериј Мељников/Sputnik
Современиот начин на војување и современата воена техника толку напредуваа што дури ни суровата зима, традиционалната заштитничка на Русија, повеќе не може да ја спречи непријателската офанзива. Но, руските вооружени сили сепак имаат со што да го заменат „факторот зима“.

Историјата сведочи дека зимата секогаш била еден од најголемите проблеми на завојувачите на Русија. Со неа се соочиле Полјаците во 1610 година, Наполеон во 1812 и Хитлер во 1941. Но, современото војување во 21 век е таков што факторот „руска зима“ повеќе не е толку важен. Имено, во 2019 година во арсеналите на водечките светски сили се појавија сосема нови офанзивни системи какви што немала ниту една земја со која Русија претходно војувала. Станува збор за високопрецизни проектили и нуклеарно оружје.

Сценарио број 1: Војување со примена на високопрецизни системи без нуклеарно оружје

„Новото оружје му овозможува на непријателот во целост да го занемари проблемот 'руска зима'“ смета воениот аналитичар на агенцијата ТАСС Виктор Литовкин.

Според него, секој современ воен конфликт помеѓу Русија и агресор главно ќе се сведува на борба за контролирање на небото, на космосот и на морето, зашто токму од тие страни врз жителите ќе полетаат ракетите и високопрецизните бомби.

„Борбите на копното ќе се водат за контрола над стратешки важните објекти и точки, но дури кога ракетите и бомбите ќе го ликвидираат огромното мнозинство објекти кои претставуваат опасност – големите градови (Москва, Санкт Петербург и други), мостовите, водните канали, аеродромите, радарските станици итн.“, додава воениот експерт.

Треба да се има предвид дека површината на територијата на Русија изнесува 17 милиони квадратни километри, така што токму контролирањето на тие точки и на сите сообраќајници ќе биде темел врз кој ќе се засновува контролата над целата земја.

„Но, дури и ако потенцијалниот агресор успее да ги заземе споменатите јазли, ќе мора да се подготви за долгогодишна и крвава герилска војна, или за улични борби како оние во битката за Сталинград, кога малите советски и германски одреди се бореа за секоја станбена зграда или улица“, заклучува аналитичарот.

Сценарио број 2: Војна со примена на нуклеарно оружје

Воената доктрина на Русија подразбира примена на нуклеарно оружје како крајна мерка во случај на опасност за понатамошниот опстанок на земјата. Според тоа, дури и ако на Русија од некаква причина не ѝ тргне од рака да се одбрана по традиционален пат и без големи жртви, таа во таква ситуација ќе го примени своето последно средство.

„Таквата војна против Русија нема да трае долго – само неколку часа. Тоа подразбира гарантирано заемно уништување, зашто Москва има нуклеарно оружје, како што веројатно го има и секој потенцијален агресор кој ќе реши да ја нападне Русија. Тешко дека Бангладеш или Никарагва ќе одлучат да ја нападнат Москва“, смета поранешниот воен аналитичар на весникот „Известија“ Дмитриј Сафонов.

Експертите се сложуваат дека денес е малку веројатно дека некој ќе завојува против Русија на „класичен“ начин (со големи трупи и офанзива на неколку фронта).

„Оваа војна ќе се одвива или според 'нуклеарно' сценарио или во форма на економска војна (санкции, ограничувања на финансирањата од страна на светските банки итн.) и диверзија во самата Русија (финансирање терористички организации на територијата на Русија како и прозападно настроени опозициски политички сили)“, заклучува Сафонов.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија
Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња