Кина и Русија – чиј „Калашников“ е подобар?

Наука и технологија
ВЛАДИМИР ОНОКОЈ
Поранешен припадник на приватна безбедносна компанија го изнесува своето видување за тоа како Кина ја добила руската технологија за автоматот Калашников и потоа со сопствени копии на АК-47 го преплави светот, црните пазари и арсеналите на бунтовниците.

Каде и да одите, сите знаат што значи АК-47 или едноставно „Калашников“. Од индонезиски селанец до член на некој мексикански картел, од пакистански полицаец до португалски падобранец, секој ја знае оваа пушка, па често има и некоја лична анегдота за неа која би сакал да ја сподели.

Ова оружје се најде на знамиња, на споменици, на медали, а низ историјата претставувало и слобода и ужас, и отпор и репресија, и не постои друго оружје кое има инспирирано толку книги, песни, уметнички дела и изложби, или кое предизвикало толку контроверзии.

Но, она што луѓето често не го знаат е дека поголемиот дел од пушките Калашников кои кружат низ светот немаат никаква врска со Русија, ниту, пак, со Советскиот Сојуз. Направени се во Кина, во Романија, Унгарија, Србија, Полска, во Етиопија или, пак, во некоја од 20 останати земји кои произведуваат различни варијанти на АК.

Да ви наведам пример: во времето додека работев во Ирак како специјалист за оружје, од 2.000 Калашников што ги имав прегледано, помалку од десет беа произведени во Советскиот Сојуз. Значи само 0.5 отсто. Сите останати беа пристигнати од различни европски земји, а некои беа направени во Ирак за време на владеењето на Садам (Хусеин).

Една од главните причини зошто Калашников е толку распространет е фактот што во текот на педесеттите години од минатиот век се произведуваше во Северна Кореја, во Бугарија, во Полска, во Унгарија и во Источна Германија.

Како кинескиот АК се појави на светската сцена

Во раните педесетти години од минатиот век, кога СССР започна масовна програма за технолошки трансфер кон својот источен сосед, никој не претпоставуваше дека Кина наскоро ќе стане најголем конкурент на Советскиот Сојуз на меѓународниот пазар на оружје.

Во доцните педесетти години од минатиот век односите помеѓу Кина и СССР почнаа да се влошуваат, што доведе со сино-советскиот раздор на почетокот на шеесеттите години од 20 век. Сета воена и технолошка помош беше пресечена, па од тој момент кинеската индустрија за пешадиско вооружување се развиваше самостојно, без никакво влијание од страна на Советскиот Сојуз.

Судирот помеѓу СССР и комунистичка Кина го достигна својот пик во 1968 година за време на кинеско-советскиот пограничен судир, што веројатно беше првиот, но дефинитивно не и последен пат, војниците на советската армија да се соочат со противници кои во целост се вооружени со пушки Калашников.

Советскиот Сојуз кој градеше фабрики за оружје и кој ги обучуваше кинеските инженери сега се соочуваше со горчливиот плод на својот труд, па последиците од непромислениот технолошки трансфер го прогонуваа Советскиот Сојуз со години потоа.

Без каква и да е контрола или надзор од страна а оригиналниот производител, Кина создаде енормен систем за производство на пешадиско оружје. Повеќе дузина тајни фабрики за производство на оружје беа изградени ширум земјата.

Многу малку се знае за нив. Секоја фабрика ги обележувала пушките само со банален симбол – бројот на фабриката. Најпозната е фабриката 386, а има и многу други: 26, 66 и така натаму.

Квантитетот на пушките што се произведени во овие фабрики останува непознат, но се проценува дека Кина всушност има произведено повеќе пушки Калашников одошто Советскиот Сојуз, а моето лично искуство од Блискиот Исток и од Африка дефинитивно го потврдува тоа. Во поголем број земји рускиот АК се чува како ретка скапоценост, па е значително поскап од варијантите на Калашников што се произведуваат во другите земји.

А, токму Кина била таа која го има направено трансферот на технологија кон Албанија, Судан и Иран. Иранците дури и денес произведуваат идентични копии на кинескиот Калашников, при што избегнуваат да го обележат со какви било оригинални ознаки за да можат да ја негираат својата вмешаност доколку се најдат во рацете на бунтовниците.

Како да разликувате руски АК-47 од кинеска копија

Релативно лесно е да се идентификува кинески АК и неговите копии. Има преден нишан во облик на полн круг, нема компензатор на тресење на устата од цевката, а штитникот на орозот е фиксиран со два шрафа, наместо со четири, колку што има рускиот АК.

Верзијата со преклопен кундак – Тип 56 – има дополнителни шрафови на задниот дел од куќиштето. Своевремено овој детаљ ми помогна да ја решам мистеријата на АКМСУ – единствената варијанта на Калашников која всушност никогаш не постоела.

Постојат три основни варијанти на кинескиот Калашников. Првата се нарекува Тип-56 и се одликува со дрвен кундак и, во поголемиот број случаи, со преклопен иглест бајонет.

Втората варијанта е Тип-56-1. Има стандарден советски преклопен кундак, но освен тоа е идентична на Тип-56.

Третата варијанта се нарекува Тип-56-2. Има мошне добар дизајни и странично преклопен кундак со скриен оддел за алат.

Квалитетот на кинеските Калашников

Одговорот на ова прашање е покомплициран одошто луѓето би можеле да си претпостават. Американските сопственици на оружје кои можеле да купат цивилна верзија на кинескиот Калашников пред да бидат забранети ви 1993 година, се колнат во нив.

Паралелно со тоа, американските војници кои дошле во допир со воената верзија на АК на задачи преку океанот, главно не се импресионирани од него и пријавуваат цела низа проблеми како што се заглавување, кршење делови и лоша изработка.

Ми беа потребни неколку години за да ја решам оваа мистерија. На почетокот Тип-56 беше стандардно кинеско оружје, со ниво на контрола на квалитет и сигурност која би можеле да ја очекувате од оружјето на една војска.

Но, во 1995 година Кина ја усвои новата офанзивна пушка QBZ-95, која полека ги замени сите претходни пешадиски оружја, вклучувајќи ги и варијантите на АК. Штом војската и американскиот пазар (кој исто така бара висок квалитет) престанаа да го бараат кинескиот АК, квалитетот, како и цената, почнаа рапидно да опаѓаат.

Во последниве години можете да го набавите новиот Тип-56-2 за само сто долари парче, додека другите варијанти на АК би чинеле најмалку 400 долари.

Квалитетот е одраз на цената – хромираниот слој во цевката почнува да отпаѓа по само неколку стотини испукани куршуми, деловите не се во целост заменливи помеѓу различни пушки од истиот вид, а некои делови се разлабавуваат.

Денешниот Тип-56-2 е единственото оружје за кое знам дека може да падне на тестот за елевација и депресија кога при дејствие ја мрдате цевката горе-долу. Отсекогаш сум мислел дека овој тест е бесмислен и надминат сè дури не сфатив дека кинескиот АК не може да го помине.

Главно кога ќе наидам на постари варијанти од Тип-56, тие се добри, сигурни и издржливи. Можеби изгледаат сурово, но поголемиот дел од овие пушки може да потрае неколку генерации.

Истовремено, новите кинески Калашников не влеваат толку многу сигурност, но ниската цена ги прави многу популарни во некои страдалнички делови на светот.

А, не изгледа како Кина да планира да ги затвори преостанатите фабрики... Според тоа изгледа дека за'рѓаните кинески пушки Калашников ќе останат главно оружје на бунтовниците, на слабо опремените војски и полиции и во текот на 21 век.