Како што произлегува од изјавата на адмирал Бурцев, тешкиот подводен ракетоносач од класата 941 „Акула“ (НАТО кодификација SSBN „Typhoon“) кој според своите димензии и вкупниот депласман претставува убедливо најголема подморница на светот (вклучувајќи ја и силата на нејзиното нуклеарно вооружување), во перспектива може да биде модернизирана во суперносач на високопрецизни крстосувачки ракети кои се опремени со конвенционални боеви глави. Подморница со вакви димензии може да стане подводната платформа за дури 200 крстосувачки ракети „Калибр“ и суперсонични противбродски ракети „Оникс“, а веќе утре, или во мошне блиска перспектива, и носачот на хиперсонични тактички ракети „Циркон“ кои во овој момент се наоѓаат во финална фаза на тестирање пред воведувањето во оперативно вооружување, пренесува Интернет-порталот „Бог-рата“.
Можеби некому идејата за превооружување на вакви „колоси“ се чини чудна, или во најмала рака задоцнет проект. Но, треба да се истакне дека во резерва моментов се наоѓаат две подморници-гигатнти ТВ-17 „Архангељск“ и ТК-20 „Северстаљ“ кои веќе со години стојат во Беломорската воена база која се наоѓа во градот Северодвинск. Според зборовите на познатиот академик Сергеј Коваљов, кој е инаку главен конструктор на овие „џинови“ подморниците од класата „Акула“ се покажаа како мошне сигурни пловила.
Вкупниот број подморници од супертешката класа 941 „Акула“ кои ги има изградено поранешниот СССР изнесува шест единици. Нив ги проектираше Централното конструкторско биро за поморска техника „Рубин“, а ги изгради бродоградилиштето „Севмаш“.
Три од вкупно шест „Акули“ поради познатите историски околности (колапсот на СССР) се повлечени од оперативна употреба. Во периодот од 2005 до 2009 година тие се исечени и се претворени во метален отпад, а целата операција во рамките на „Заедничкото намалување на опасноста“ го финансираа САД. Првата изградена подморница ТК-208 во таа пригода имаше среќа зашто Русија успеа да обезбеди финансиски средства за нејзин ремонт и модернизација на стандардот 941УМ (превооружување на „ракетоносец“ од новата генерација ИБР „Булава“), кога во 2002 година повторно беше вратена во оперативна функција. Денес оваа подморница го носи името ТК-208 „Дмитриј Донски“.
Покрај подморницата ТК-208 „Дмитриј Донски“, постојат уште две подморници од овој тип кои се наоѓаат во едно парче. Како што веќе рековме станува збор за подморниците ТК-17 „Архангељск“ и ТК-20 „Северстаљ“. Овие две подморници ќе бидат главни кандидати за капитална модернизација доколку дојде до разработка на проектот за нивна пренамена од стратешка нуклеарна подморница во офанзивна, која ќе биде вооружена со голем број тактички ракети за разни намени.
„Димензиите на овие подморници се толкави што можат да носат по 200 крстосувачки ракети“, рече неодамна началникот на главниот штаб на руската воена морнарица. Како квалитетно решение за пренамена на подморниците за стратешки намени земен е примерот на американскиот аналог „Охајо“. Овие подморници иницијално беа вооружено со интерконтинентални балистички ракети „Трајдент-1“. Четири подморници од оваа класа Американците ги превооружија со крстосувачки ракети „Томахавк“. Во овој момент секоја од овие четири подморници поединечно носи по 154 ракети од овој тип.
Експертот напомена дека современите воени бродови кои се наоѓаат во состав на руската воена морнарица технички по ништо не заостануваат зад американските конкуренти, но дека основниот проблем е во недоволно големиот борбен комплет на офанзивно ракетно вооружување, каде Американците оствариле забележлива предност. Ние не можеме да се споредиме ниту со Кинезите, рече рускиот адмирал. Нивниот разорувач од класата 055 може да носи 112 крстосувачки ракети, додека, на пример, најновите руски ракетни фрегати од класата 22350 „Адмирал Горшков“, „Адмирал Касатонов“ и „Адмирал Головко“ заедно можат да носат до 48 офанзивни ракети. Новите фрегати од истата гласа кои допрва треба да влезат во вооружувањето ќе имаат максимално 24 ракети на еден брод.
Според вицеадмиралот Бурцев станува збор за очигледно мал борбен комплет во однос на конкуренцијата, каде модернизацијата на супертешките подморници од класата „Акула“ и нивното претворање во платформа за носење крстосувачки ракети во огромна мера ќе го вратат дисбалансот.
Искуства од проектот „Груша“
На руските бродоградни компании не им е непозната трансформацијата на нуклеарните подморници. Еден од најголемите проекти од овој тип ја носеше ознаката „Груша“. За што станува збор?
Конкретно, станува збор за модернизација на серијата атомски подморници од класата 667А „Навага“. Овој проект подразбираше од корпусот на овие подморници во целост да се исече и да се отстрани одделот со силосите за старите ракети, а на нивно место да се вклопи нов, во кој се наоѓаа осум торпедни цевки со калибар од 533 милиметри. Во таа пригода за првпат торпедните цевки беа поставени под агол во средишниот дел од подморницата, не во „носот“, како што тоа е одамна вообичаено.
Како резултат на проектот „Груша“ добиена е подморница која можеше да носи до 32 дозвучни крстосувачки ракети со стратешка намена С-10 „Гранат“. Овие ракети можеа да се лансираат од наведените торпедни цевки, како и од стандардни торпеда. Полнењето се вршеше преку повеќецевниот ротациски полнач во облик на огромен барабан кој беше интегриран во внатрешноста на корпусот на подморницата.
Подморницата од класата 667АТ „Груша“ беше првата која можеше да носи крстосувачки ракети С-10 „Гранат“. Истовремено со новиот ракетно-торпеден оддел интегриран и унапреден е навигацискиот комплекс „Тобољ-667АТ“. Главниот погонски блок и другите помошни системи останаа практично недопрени. Иако е планирано на овој стандард да се подигнат шест подморници од класата 667А „Навага“, работите се завршени на три вакви подморници. Тие се успешно експлоатирани во единиците на Северната флота кога беа повлечени од оперативна употреба на преминот во 21 век. Последната подморница од класата 667АТ „Груша“ со тактичка ознака К-395 е повлечена од борбениот состав на 1 септември 2002 година.