Анализа на руското учество на најголемата смотра на вооружување и воена техника на светот ИДЕКС

Наука и технологија
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА
На овој саем учествуваа над 50 компании од рускиот воено-индустриски комплекс. Претставени сe повеќе од 200 перспективни модели за вооружување, за сите видови вооружени сили. Вкупно беа изложени околу илјада експонати, а некои системи за првпат беа прикажани на некоја странска воена изложба. Па, да тргнеме со ред...

На просторот на Блискиот Исток и Северна Африка руската воена техника има свое традиционално упориште. Имено, рускиот воено-индустриски комплекс во овие региони од светот има остварено практично 50% од вкупниот извоз на вооружување и воена техника за 2018 година (околу 6 милијарди американски долари). Ирак неодамна потпиша договор за набавка на руски тенкови Т-90С, во план е реализација на слична зделка со Кувајт, како и изградба на индустриски капацитети за лиценцирано производство на тенкови Т-90 во Египет. Домаќините на овој саем од Обединетите Арапски Емирати неодамна набавија поголемо количество борбени возила за пешадијата БМП-3.

Потпишани договори

ИДЕКС (IDEX) 2019 не застана само на ова. Уште првиот ден беа потпишани два договора со воената делегација на Обединетите Арапски Емирати. Првиот договор се однесува на ремонт на хибридните ракетно-топовски системи за ПВО со краток дострел „Панцир-С1“ и набавка на резервни делови кои би оделе заедно во пакет, на вкупна сума од околу 12.5 милиони американски долари. Вториот договор се однесуваше на набавка на наведувачки противтенковски ракети „Корнет-Е“ за копнените единици на војската на Обединетите Арапски Емирати со вкупна вредност од околу 40 милиони американски долари.

Вториот ден претставниците на ОАЕ со рускиот холдинг „Високоточние комплекси“ (влегува во состав на државната корпорација Ростех) потпишаа договор кој се однесува на техничкото одржување на противтенковските ракетни системи „Корнет-Е“ со испорака на резервни делови. Потпишаниот договор е тежок 3.27 милиони американски долари.

Третиот ден од овој саем делегацијата на Обединетите Арапски Емирати нарачаа поголемо количество муниција со калибар од 100 милиметри за потребите за снабдување на борбените возила на пешадијата БМП-3 кои се наоѓаат во нивното вооружување. Вкупната вредност на овој договор изнесува 21.4 милиони американски долари. Не е познато името на компанијата која технички ќе го исполни овој договор, но се претпоставува дека тоа ќе биде концернот „Техмаш“ кој е специјализиран за производство на различни видови муниција.

Инаку БМП-3 спаѓа во најсигурните модели оклопна борбена техника на светот, кои се наоѓаат во вооружувањето на војската на Обединетите Арапски Емирати (околу 680 оперативни единици).

Експлоатацијата на борбеното возило на пешадијата БМП-3 на практика покажува дека станува збор за машина која се одликува со висок степен на сигурност и на борбена ефикасност. Конкретно, БМП-3 има најмал коефициент кога станува збор за дефекти/хаварии. Имено, се смета дека на 100 километри марш ќе дојде до дефект на 0.23% од возилата од вкупниот број машини кои би учествувале во него. Тоа практично значи дека на количество од 1.000 БМП-3 ќе се расипат 2-3 возила, што е безначајна бројка на толкаво количество техника. Во споредба со БМП-3 францускиот тенк Леклерк кој е инаку основен борбен тенк на војската на Обединетите Арапски Емирати има коефициент од 3.5 (на 100 тенкови можно е да дојде до дефект на 3-4 тенка). Покрај овие показатели БМП-3 се одликува и со одлично избалансираното основно вооружување кое мошне добро се покажа во реални борбени услови.

Како што пренесува за медиумската куќа ТАСС извор од домашната компанија ЕДИК (EDIC – Emirates Defense Industries Company) која се занимава со ремонт на оклопна борбена техника која се наоѓа во составот на војската на Обединетите Арапски Емирати, рускиот БМП-3 има исклучителен потенцијал за напредни пакети на модернизација. „БМП-3 е платформа со отворена архитектура која мошне лесно може да се модернизира. ЕДИК планира ова возило да го зајакне со противкумулативни решетки и со други електронски потсистеми. БМП-3 исто така се одликува и со мошне едноставен процес за време на ремонтот на машината“, заклучуваат луѓето од компанијата ЕДИК.

На четвртиот ден е потпишан договор за модернизација на БМП-3. Неговата вкупна вредност е 2.71 милиони американски долари. Петтиот ден штандот со руските производители го посети бригадниот генерал на војската на Обединетите Американски Емирати Мухамед Хамис ал Хасани кој изјави дека со руските акционерски друштва е потпишан договор во вредност од 48.1 милиони американски долари за испорака на различни типови муниција за потребите на копнената војска на Обединетите Арапски Емирати.

Што сè е прикажано

Инаку, рускиот БМП-3 се најде и на изложбените штандови на други земји. Така најголемата компанија од наменската индустрија на Обединетите Арапски Емирати ЕДИК за првпат претстави тродимензионален модел на борбено возило на пешадијата со елементи воведени во реалноста (Augmented Reality, AR). Оваа програма ја имаат осмислено инженерите на оваа компанија со цел за што полесно техничко опслужување на возилото, но и за зголемување на нивото на обука на посадата на ова возило. Проценето е дека со овие новитети на инженерите од Обединетите Арапски Емирати програмата за обука на возачите и на командирите на БМП-3 ќе се скрати за 2.5 пати, без да се губи на нејзиниот конечен квалитет.

Главниот настан од првиот ден на саемот е презентацијата на хибридниот ракетно-топовски артилериски комплекс кој оди на воените бродови „Панцир-МЕ“.

Станува збор за комплекс кој според своите квалитети е единствен на светот кога станува збор за непосредната ПВО на бродот од различни цели кои можат да дојдат од воздушниот простор. Покрај топовите кои имаат исклучително голема брзина на стрелба (10.000 гранати во минута), тука се и осумте наведувачки ПА ракети со ефективен дострел од 20 километри. Сите процеси за време на обработката на целите и наведувањето на огнот кон нив се автоматизирани, а оператерот кој управува со комплексот има задача само да го надгледува и да го контролира целиот процес. Во голема мера е скратено и времето на реакција кое изнесува 3-5 секунди. Системот за управување со оган е исто така во голема мера унапреден. Тој овозможува со еден борбен модул истовремено да се нападнат до четири различни цели.

Составот на борбениот модул, како и нивниот број, зависи од големината и од класата на бродот на кој се поставуваат. Ваквата поставка обезбедува кружна заштита околу целиот брод од сите видови модерни и перспективни воздушни цели и огнени средства кои достигнуваат суперсонична брзина од 1.000 метри во секунда (комплексот е особено подобен за борба со противбродските ракети со низок профил на лет).

Борбениот модул може да дејствува автономно, како и во состав на батеријата која е составена од четири меѓусебно поврзани борбени модули „Панцир-МЕ“. Целиот комплекс е предвиден за бродови со минимален депласман од 500 тони нагоре, сè до носач на авиони.

Меѓутоа, еден од главните руски новитети на ИДЕКС 2019 беше артилерискиот комплекс АУ-220М кој е составен од автоматски топ со калибар од 57 милиметри. Овој топ го има развиено ЦНИИ „Буревесник“ (составен дел на корпорацијата „Уралвагонзавод“). Тој е дел од унифицираниот борбен модул кој може да се интегрира не само на копнените платформи од различен тип или на борбени пловила, ами и на офанзивни хеликоптери и на воено-транспортни авиони. Овој модул е направен така да може да покрива простор во целосен опсег од 360 степени околу целата платформа. Покрај основниот топ, тука се наоѓа и спарениот митралез со калибар од 7.62 милиметри. Во него се наоѓа систем за управување со оган и за откривање цели.

УВЗ

АУ-220М е неспоредливо поиздржлив од стандардните топови со калибар од 30 милиметри како што се на пример 2А42 и 2А72, како според ефективниот дострел, така и според резултатот на огнот на целта. Така на пример, поткалибарна граната со калибар од 57х348 милиметри СР (SR) испукана од овој топ ќе може како од шега да „прострели“ и најтешко оклопно борбено возило на пешадијата, како што е на пример германското ШуџенпанзерПума (SchützenpanzerPuma). Се претпоставува дека новата муниција на далечини поголеми од 1.500 метри ќе можат да пробијат хомогена панцирна плоча со дебелина и до 150 милиметри.

Покрај тоа „Уралвагонзавод“ ја претстави макетата на основниот борбен тенк Т-90МС. Станува збор за експортна варијанта на длабоко модернизираниот тенк Т-90М кој е конципиран за потребите на руската армија. Во однос на претходните верзии на тенкот Т-90, овој модел ќе има попрецизен топ, потоа напредна електронска опрема која ќе му обезбеди интеграција во единствениот систем за тактичко управување, нов мотор, високопрецизна муниција (наведување на ракетата која се испукува од тенковската цевка и на шрапнелно-разорни гранати со далечинска активација).

Според главниот конструктор на УВЗ Андреј Терликов, станува збор за современа високотехнолошка машина. Кога ќе се земат предвид сите подобрувања кои се дел од овој пакет на модернизација, не постои сомневање дека Т-90СМ спаѓа во најдобрите тенкови на светот. Од една страна, станува збор за тенк со висока борбена ефикасност. Од друга страна, се карактеризира со исклучителна сигурност за време на интензивна експлоатација. Благодарение на овие фактори, речиси е загарантирана понатамошната експанзија на овој тенк во целиот свет.

На штандот на УВЗ за првпат се најдоа и перспективните артилериски самоодни системи „Флокс“ и „Дрок“ кои според интересирањето на посетителите тргнаа во освојување на пазарите за вооружување. „Овие решенија ги вклопивме во шасијата на оклопните автомобили, што претставува нешто сосема ново кога станува збор за руската армија. Практично станува збор за нова класа вооружување кое ќе ја подигне севкупната мобилност на артилериските единици“, вели за Интернет-порталот ТАСС генералниот директор ЦНИИ „Буревесник“ Георгиј Закамених.

Транспортната база-шасија за самоодните артилериски системи „Флокс“ е оклопниот автомобил „Урал-4320“ со погон од 6х6. Тој ќе биде вооружен со минофрлач со калибар од 120 милиметри. Покрај него артилерискиот систем „Дрок“ вооружен со минофрлач со калибар од 82 милиметри ќе биде интегриран на платформата на оклопниот автомобил „Тајфун-ВДВ“ (тој ќе може да се десантира со падобран од воено-транспортен авион).

Концернот „Техмаш“ за првпат претстави модел на запалка за лансерни на ракети со повеќе цевки. Станува збор за електронска запалка која ќе овозможи исклучително високи показатели на прецизноста на огнот од ОЛР од различен тип. Благодарение на овие унапредувања може да се изведе програмна активација на запалката на строго дефинирани точки на патеката на самата ракета. Според првиот човек на концернот „Техмаш“ Владимир Лепин, во план е и освојување на технологијата за изработка на „паметни запалки“ од нова генерација кои ќе бидат специјално развиени за ОЛР „Торнадо-Г“. Првите модели на овие запали се очекуваат веќе до крајот на 2020 година.

„Техмаш“ претстави уште еден интересен новитет. Станува збор за турборакетен проектил со зголемена ефикасност. Неговата основна намена е пасивна електронска заштита на површинските бродови од противбродско оружје (ракети) кои се опремени со наведувачки радарски боеви глави.

Во текот на своето движење проектилот формира лажна радарска цел во вид на облак кој е составен од диполни рефлектори со што се дезинформираат непријателските системи за откривање и пренасочување на противбродската ракета кон лажна цел. Проектилот има зголемена ефикасност во споредба со сличните системи поради брзото образување на диполен облак и неговите големи површински дисперзии за време на формирањето лажна цел.

Според новите и перспективни модели на оклопна борбена техника за првпат се претставени и нови автоматски пушки на концернот „Калашников“. На изложбеното пано се најдоа моделите АК-200, АК-203, АК-204 и АК-205.

Кај нив се применети најдобрите технички решенија кои традиционално се поврзани за пушките кои го поседуваат жигот АК. Значи нив ги краси исклучителната сигурност, издржливост, долговечност, едноставност во употребата за време на интензивна експлоатација. Серијата „200“ успешно помина цела низа тестирања, а конфигурацијата на новите пушки во целост одговара на барањата кои се наметнуваат во услови на водење современа војна.

Огромен интерес кај публиката и кај медиумите предизвика новото самодетонирачко беспилотно летало „Куб-БЛА“. Леталото го имаат развиено и произведено инженерите на компанијата „Зала аеро“ која се наоѓа во состав на концернот „Калашников“. Беспилотниот дрон-камиказе „Куб-БЛА“ ги мина сите летно-технички испитувања и е подготвен за производство.

Тој е опремен со силна боева глава која се активира кога ќе ја достигне својата цел. На штандот на концернот „Калашников“ леталото е претставено во вид на макета која е двапати помала од неговата природна големина.

Леталото може да патролира ширум реонот на боиштето во потрага по целта, и по откривањето да нападне со паѓање од воздух. Тоа има можност нападот да го изведе и по вертикална траекторија на летот таканаречено „пикирање“. Ова му овозможува на леталото да го уништи непријателското оклопно возило така што ќе ја нападне неговата најслаба точка – врвот на возилото кадешто оклопот е најтенок. Широкодостапните системи за ПВО имаат мошне мала ефикасност против ваквиот вид оружје.

Неговите основни техничко-тактички податоци се:

Специјални експонати

Покрај чисто воената продукција на Русија во Обединетите Арапски Емирати е и оклопната лимузинаАурус од производителот „Кортеж“.

Специјалните верзии на овие автомобили се наоѓаат во автоединицата за посебна намена на Федералната служба за обезбедување на Русија кои се задолжени за физичко обезбедување на претседателот на Руската Федерација и на министрите од руската влада. Рускиот министер за наука и трговија Денис Мантуров рече дека лимузината Аурус која е претставена на саемот во Обединетите Арапски Емирати ќе останат во оваа земја каде ќе минат низ програмата на опитна експлоатација. Светската премиера на автомобилите од оваа марка ќе се одржи на саемот за автомобили во Женева кој ќе се одржи следниот месец.

Сите проекции одат кон тоа дека лимузината Аурус ќе биде мошне барана на пазарите на Блискиот Исток. Холдингот „Тавазун“ кој поседува 36% од сопственичкиот пакет акции на компанијата „Кортеж“ разгледува можност за производство на оваа лимузина и на територијата на Обединетите Арапски Емирати. На саемот ИДЕКС 2019 оваа лимузина е претставена во бела боја, што исто така претставува новитет кога станува збор за овие „оклопни грдотии“ кои досега главно можеа да се видат во црна боја.

Покрај лимузината Аурус во Обединетите Арапски Емирати е претставена и цивилната верзија на повеќенаменскиот оклопен автомобил „Тигр“ која е специјално дизајнирана за ВИП-личности.

И тоа не е сè...

Покрај овие новитети што руската воена индустрија ги прикажа на саемот ИДЕКС 2019, треба да се осврнеме на изјавите на високопоставените претставници на военоиндустрискиот комплекс кои дополнително го збогатија руското учество на оваа манифестација:

Прес-службата на ФСВТС исто така напомена дека во овој момент постојат низа ветувачки движења кои се однесуваат на областа на билатералната военотехничка соработка помеѓу Руската Федерација и Обединетите Арапски Емирати, особено кога станува збор за проектите поврзани за противвоздушната одбрана.