Русите направија подводна едрилица „Морска сенка“ која ќе ја користи водата за свое движење

Youtube
Инженерите за подводни технологии на научно-производственото претпријатие „Океанос“ и научниците на Поморскиот технички универзитет од Санкт Петербург создадоа работен прототип на подводна автономна едрилица за океонографски истражувања. Оваа едрилица доби и име - „Морска сенка “ (рус. „Морская тень“).

Апаратот е уникатен по тоа што не го движат подводни пропелери, туку се движи врз основ на промената на пловноста, истакнува интернет-порталот РГ. Тој плови по синусиодална траекторија каде наизменично зема и испушта морска вода, во зависност од тоа на која длабочина се движи. Благодарение на ваквиот начин на движење тој  економично ја троши својата енергија и обезбедува поголема автономност на тестирањето. Научниците објаснија зошто го нарекоа ова пловило едрилица: тоа е затоа што неговата физика на движење е блиска со воздушните едрилици кои со помош на турбуленциите на воздухот го одржуваат својот лет.

Овој проект е во врска со уште еден апарат над кој работи екипа од Поморскиот технички универзитет. Тоа е големиот надводно-подводен истражувачки апарат „Сенка“ (рус. „Тень“). Тој може да транспортира и неколку помали едрилици „Морска сенка“.

„Единствениот апарат „Сенка“ има променлива геометрија на својот корпус. Ваков тип апарати сѐ уште не е виден во светот“, коментираше еден од неговите конструктори Игор Кожемјакин, началник на управата за одбранбени истражувања и развојни проекти во Поморскиот технички институт.

Апаратот ќе биде долг 20 метри и ќе има конструкција на тримаран. Може да се движи по површината на водата, но и да нурне, т.е. да се движи под нејзината површина. Неговите отсеци можат да примат и до 60 кубни метри товар, вклучувајќи ги и горенаведените извидувачки едрилици „Морска сенка“.

Едрилицата ќе биде незаменлива во арктички услови. Според мислењето на Игор Кожемјакин, за освојување на крајниот Север нема да биде можно во целост потпирање на употребата на роботехнички средства. Значително поекономично и поудобно е да се организира непрекинато дежурство со големиот апарат „Сенка“ кој на себе ќе има помали едрилици кои можат да ги контролираат подводните цевководи за да се намали зачестеноста на хавариите.

Се проценува дека за завршување на развојната етапа на овој проект на конструкторите ќе им бидат потребни 1,5-2 години работа. Потоа, доколку сѐ помине во најдобар ред, би можело да се зборува за почеток на сериското производство. Цената на овој уред е засега непозната.

Прочитајте повеќе: Во Русија е во тек развој на 17 подводни дронови

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија
Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња