Руски научници од злато прават биосензори за стрес и рак

Наука и технологија
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА
Научниците од Институтот за фундаментална биологија и биотехнологии на Сибирскиот федерален универзитет работат на проект за биосензори со наночестички на злато, кои кај човекот ќе можат да детектираат стрес и онколошки заболувања.

Истражувачите тврдат дека биомаркерите на болестите и токсичните супстанци ќе се откриваат со помош на биолуминисцентна инхибиторна анализа. На пример, оваа метода може да се користи за откривање на протеинот Hsp90. Се смета дека покаченото ниво на овој протеин е маркер на стрес и онколошки заболувања.

„Креиран е биолошки модул за следење на „протеинот на стресот“ врз основа на наночестички на злато, кои се поврзани со молекули на аденозин-трифосфат, кој има поголема стабилност. При луминисцентна реакција со користење на добиениот биолошки модул во присуство на Hsp90 доаѓа до обновување на структурата на луциферазата на одредени температури и се менува кинетиката на луминисцентната реакција, што ни овозможува да ја измериме количината на Hsp90 и со самото тоа да откриеме стрес или дијагностицираме онколошко заболување”, објаснува водечкиот научен соработник на лабораторијата за биолуминисцентни биотехнологии на Сибирскиот федерален универзитет Валентина Кратасјук.

Биосензори со наночестици на злато исто така можат да се користат за откривање на присуство на тешки метали во човечкото тело.

Прочитајте повеќе: Силата на светлината: Руски научници пронајдоа нова ефикасна метода за лекување на рак