Деновиве на аеродромот во Жуковски беше фотографиран рускиот ловец Су-57 (Т-50-3 ПАК-ФА) со евиденциски број „53“ кој на себе имаше досега непознати ознаки. Имено, на вертикалната површина кај опашот авионот покрај силуетата на ловец од петтата генерација Су-57, има и силуета на летало кое мошне потсетува на американскиот стратешки бомбардер Б-2, но и на новиот проект на руското беспилотно летало од шестата генерација Охотник-Б, пренесува Интернет порталот „Бог рата“.
Оваа фотографира заинтересира голем број читатели од разни воздухопловни форуми кои се обидоа да го демистифицираат значењето на овие ознаки. Едни велат дека станува збор за верзија која ќе има пресретнувачка контрола и дека оваа ознака го претставува неговиот главен иден плен – „американскиот стратешки бомбардер Б-2“.
Од друга страна, поголем број сметаат дека станува збор за силуета на беспилотното летало Охотник-Б која се наоѓа во финалната фаза на својот развој. Имено, постојат информации дека оваа година се очекува у неговиот прв самостоен лет. Прикажаниот модел на авион исто така ќе учествува во фазата на неговото тестирање.
„Охотник“ се прави во кооперација на компаниите „Сухој“ и „МиГ“. Се проценува дека леталото ќе достигне маса од 20 тони, што е двојно повеќе од тактичкиот ловец од четвртата генерација МиГ-29. Неговата крстосувачка брзина на летот ќе биде подзвучна (до 1.000 километри на час), додека неговиот максимален долет ќе изнесува 3.500 километри. Леталото ќе може да се искачи на висина од 10.5000 метри. Оттаму со високопрецизно оружје ќе може да уништува непријателски копнени цели и да врши операции на воздушно извидување.
Основната конструкторска база за изградба на ова летало е шемата на таканареченото „летачко крило“.
Леталото ќе биде направено според технологија која ќе му овозможи мала радарска рефлективност – видливост. Борбеното вооружување ќе го носи во внатрешните борбени багажници, слично како кај ловецот од петтата генерација. Корпусот на беспилотниот апарат ќе биде направен од композитни материјали. Според руските извори, леталото се наоѓа во завршна фаза на тестирање, каде се довршува завршниот процес на интеграција на електронските компоненти и нејзино конечно калибрирање.
Потсетник
Су-57 е руски повеќенаменски борбен авион од петтата генерација кој го разработија воздухопловните инженери на ОКБ Сухој. Тој е наменет за извршување на огромен спектар задачи кои можат да се постават пред една воздухопловна борбена платформа, како што е остварување на апсолутна воздушна превласт над територијата на која се изведуваат активни борбени дејствија, уништување најразлични копнени цели и површински бродови кои се зајакнати со современи противвоздушни борбени средства, операции за извидување и за надзор на воздушниот простор на голема оддалеченост, уништување на командната инфраструктура на непријателот итн.