Кина ја изведе втората рунда гаѓања од системот за ракетна ПВО С-400 „Триумф“ и со тоа ја заврши програмата за испитување на ова средство. Резултатите од испитувањата предизвикаа голем восхит кај кинеската војска: уништување на балистичките и аеродинамични цели, кои имитираа боеви глави на ракети и авиони на најголеми далечини, е постигнато со само една ракета по мета.
„Втората рунда тестирања е изведена во декември минатата година. Ракетите од типот 48Н6Е ги погодуваа аеродинамичните мети кои летаа при брзина од 600 метри во секунда. Метите беа погодувани на ултимативни далечини од речиси 250 километри. Во овој момент програмата за испитување на С-400 е завршена, а други гаѓања во моментов не се во план“, рече воено-дипломатски извор, пренесуваат руските медиуми.
Првото гаѓање од С-400 кинеската војска го изведе на почетокот на декември. Наведените ракети тогаш погодуваа мети кои имитираа балистички ракети, исто така на најголеми растојанија.
По завршувањето на испитувањата, раководството на Народноослободителната армија на Кина високо ги оцени способностите на наведениот систем за ракетна ПВО.
„Со свои очи се уверивме во тоа дека системот С-400 нема пандан во светот во таа класа на вооружување“, го цитира соговорникот на агенцијата кинескиот воен претставник.
Кина стана првиот странски купувач на „Триумф“, а по нејзиниот пат потоа тргнаа и Турција и Индија. ПВО-системот со голем и среден дострел С-400 „Триумф“ е наменет за пресретнување на сите воздушни мети во полн спектар висини.