Руската морнарица во четврток го добива првиот патролен брод од класата 22160

Youtube
Се работи за првиот брод од оваа класа кој ќе влезе во состав на вооружувањето на руската Воена морнарица. Церемонијата на кревање на Андреевското знаме на патролниот брод „Василиј Биков“ ќе се одржи во Новоросијск.

Руската Воена морнарица (ВМФ) во четврток ќе го прими во својот борбен состав првиот патролен брод од класата 22160 „Василиј Биков“ (евидентен број 368). Оваа информација во саботата на новинарите им ја пренесе информативната служба на Министерството за одбрана на Русија. „Главниот патролен брод од класата 22160 „Василиј Биков“ влегува во оперативниот состав на ВМФ на Русија на 20 декември“, рекоа од министерството. Церемонијата на кревање на Андреевското знаме ќе се одржи во Новоросијск, со што овој брод ќе го почне својот, се надеваме, долг и успешен пат на службување во руската морнарица.

Патролниот брод од класата 22160 „Василиј Биков“ е изграден во Зеленодољскиот бродоградежен завод во Татарстан. Се работи за модуларна пловечка конструкција која е наменета за обезбедување на територијалните води во подалечната морска зона, на далечини до 200 наутички милји од брегот. Неговата повеќенаменска функција овозможува решавање на цел комплет задачи кои можат да се појават на море – од борба со пирати па сѐ до спасувачки операции.

Бродот е долг 94 метри, а широк 17 метри. Газот на бродот е 3,7 метри. Корпусот на бродот е заштитен со оклоп отпорен на стрелечко оружје. Вкупниот депласман на бродот е 1500 тони. Патролниот брод од оваа класа го движат два 4-тактни турбокомпресорски дизел мотори со поединечна сила од 6000 КС (вкупно 12,000 КС) + четири електрични агрегати кои за гориво користат дизел, со вкупна сила од 300 киловати. Тука се наоѓа и помошниот мотор во случај на тотална хаварија или дефект на главниот погонски блок, со сила од 100 киловати. Овие мотори му обезбедуваат на бродот максимална брзина на пловидба до 27 јазли. Капацитетот на резервоарот со гориво му овозможува да помине растојание од 6000 наутички милји при економична брзина на движење од 16 јазли. Бродот на отворено море може да престојува до 60 дена. На него се наоѓаат 80 членови на екипажот (20 луѓе + 80 членови на дополнителниот персонал).

Радарската станица која е интегрирана на бродовите од оваа класа е „Позитив-МК“ со ефективен домет до 300 км, која истовремено може да наведува и ракети кон откриените цели, што имплицира дека овој брод ќе поседува посилно вооружување од основното.

Неговото основно вооружување го сочинува артилериски модул 1 × 76 мм АУ АК-176МА и осум противвоздушни ракети со краток дострел „Игла“. Тука се наоѓаат и уште неколку митралези. Меѓутоа, поради модуларноста на самата конструкција тој може на својата палуба да носи хеликоптер со маса до 12 тони (Ка-27, Ка-29, Ка-52К) или 2-4 беспилотни летала, но и крстосувачки ракети „Калибар“ со дострел од неколку илјади километри, кои се наоѓаат во универзални ракетни лансери кои можат да се вклопат во неговиот труп.

Погледнете го видеото: Корвета на Балтичката флота изведе гаѓање од „Редут“

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња