Новиот „летачки радар“ со евидентен број 45 „Црвен“ испорачан на руската армија

Слободан Ѓукиќ
Воздушно-космичките сили добија уште еден модернизиран авион за воздушно набљудување и командување А-50У или „летачки радар“. Целиот радарски комплекс е изграден на современи основи, со што се ослободи место за проширување на резервоарите со гориво, што пак го зголеми оперативниот радиус на леталото. Покрај тоа, екипажот има на располагање и комфорен простор за дневен престој и кујна за подготовка на храна.

Воздухопловната компанија „Бериев“ од Таганрог им го предаде на руските Воздушно-космички сили петтиот модернизиран авион за воздушно набљудување и командување А-50У или „летачки радар“.

„По завршувањето на сите неопходни испитувања ѝ го предадовме авионот со евидентен број 45 „црвен“, кој притоа изврши прелет на аеродромот на кој ќе биде базиран“, пренесе рускиот интернет портал РГ.

Модернизацијата на советските авиони А-50 се однесува на замена на старата радарска антена со нова, која ќе има зголемени технички карактеристики. Конкретно, новата радарска станица ќе обезбеди побрзо откривање на нисколетечки цели со намалена радарска рефлексија, како што се „невидливите“ борбени авиони, крстосувачките ракети и хеликоптерите. Покрај ова унапредување, руските конструктори ја подигнаа и отпорноста на оваа антена на непријателските средства за попречување (противелектронска борба).

Покрај зголемените способности за откривање на непријателски цели, модернизираниот А-50У доби и далеку пошироки можности за насочување на ловечко-пресретнувачката авијација. Базичната верзија на „летачкиот радар“ можеше да насочува кон детектираните воздушни цели исклучиво ловци-пресретнувачи МиГ-31, додека модернизираната варијанта може да ги наведува практично сите авиони-ловци кои се наоѓаат во вооружувањето на руската армија, вклучувајќи ги и средствата за ПВО. Модернизираната верзија А-50У исто така може да ја наведува и ловечко-бомбардерската авијација кон откриените цели кои се наоѓаат на копно. Овој авион може да управува и со операции за борбено патролирање на поширокиот реон на десантната основа, што беше демонстрирано на воените вежби на Воздушно-десантните сили кон средината на 2018 година.

Радарскиот комплекс е изграден на современи основи, со што се ослободи место за проширување на резервоарите со гориво, што пак го зголеми оперативниот радиус на леталото. Покрај тоа, екипажот има на располагање и комфорен простор за дневен престој и кујна за подготовка на храна.

Проектот за модернизација на руските „летачки радари“ А-50 на стандардот А-50У започна 2011 година. Досега се комплетирани пет модернизирани авиони кои станаа дел од руските воздухопловни сили. Сите авиони за воздушно набљудување и командување се базирани на воениот аеродром/база во Иваново.

Погледнете го видеото: Рускиот „летачки радар“ А-50

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња