„Запрашувач на посеви“: Советското авиочудо кое може да лета и наназад (ФОТО)

Наука и технологија
АЛЕКСЕЈ ТИМОФЕЈЧЕВ
Двокрилецот Антонов Ан-2 се произведуваше 60 години, а и понатаму продолжува да се прави во Кина. Тајната на неговата долговечност, која на овој авион му обезбеди место во Гинисовата книга на рекорди, е екстремно едноставна, но со ингениозен дизајн.

Ан-2 според класификацијата на НАТО се нарекува „Колт“, но во СССР и во Русија доби понежен прекар „Ањушка“ (деминутив од Ања), а познат е и едноставно како „запрашувач на пченка“.

Овој авион го направи Конструкторското биро „Антонов“ во 1947 година, кој тогаш беше лоциран во Новосибирск (3.300 километри источно од Москва). Изворно е осмислен како авион за земјоделски намени. Но, излегло дека е способен цела низа други функции.

Авионот се користел за спорт, за транспорт на разен товар и на патници. Исто така е модифициран и за потребите на војската, па е користен во многу воени судири.

Ан-2 го имаат користено армиите на над педесет земји. Пред сѐ како извидувачко летало затоа што може да лета многу ниско и на тој начин да ги избегне непријателските радари.

Ова „летачко чедо“ на Олег Антонов може со себе да носи 10-12 патници или 1.000 килограми товар, и да го однесе каде било. Може да полетува и да слетува на прилично груби и неуредени површини, а доволни му се изненадучки куси полетно-слетни патеки.

Ниските трошоци за одржување и високата ефикасност го направија овој авион основно транспортно средство во оддалечените делови на Советскиот Сојуз; Сибир, далечниот север и во централна Азија.

Двокрилната конструкција му дава голема сила на искачување. Тоа му овозможува на авионот брзо полетување, лебдење, па дури и летање наназад доколку лета во силен челен ветар.

Овој воздухоплов може да ја намали брзината на само 40 километри на час, што е корисно при падобранството и скај-дајвингот.

Како што еден новинар на Би-Би-Си забележа „Ан-2 е направен и произведен од другата страна на Берлинскиот ѕид, а неговиот отпорен дизајн можеби би го направил многу попознат одошто е“.

Русија сега ја разгледува можноста за модернизација на Ан-2 со двокрилецот ТБЦ-2 ДТЦ кој би имал товарен капацитет од 3.000 килограми и просечна брзина од 350 килограми на час.