Радарската станица со екстремен дострел „Контејнер“ стапи во опитно борбено дежурство во населеното место Ковилкино (Мордовија). Во план е оваа фаза да биде завршена до крајот на 2019 година кога овој радар во целост би влегол во оперативниот состав на руската армија. Оваа информација ја објави руското Министерство за одбрана, а ја пренесе Интернет-порталот Лента.Ру.
„Ова е прв радар од типот Контејнер кој е направен на земјата. Во согласност со државната програма за превооружување и со планските активности на Вооружените сили на Руската Федерација ние ќе направиме и ќе ставиме во функција уште неколку вакви радари“, велат од Министерството за одбрана.
Како што беше речено, станува збор за радар кој е во можност да го контролира воздушниот простор на растојание до 3.000 километри. Во тој простор задхоризонталниот радар „Контејнер“ може да ги лоцира практично сите воздушни објекти кои денес се наоѓаат во употреба. Благодарение на напредните електронски компоненти, тој може истовремено да следи дури 5.000 воздушни цели од различен тип, вклучувајќи ги и оние кои имаат намален радарски одраз.
Неодамна генералниот директор на НИИ за развој на далекустрелни радарски системи Кирил Макаров изјави дека првата радарска станица „Контејнер“ според планот и програмата ќе стапи во опитно борбено дежурство на почетокот на 2019 година. Според него „ќе се оствари увид практично во комплетната воздушна ситуација над европските земји кои се наоѓаат во НАТО, каде руската армија во секој час ќе има апсолутна контрола“.
Напомена:
Димензиите на радарската станица се навистина впечатливи. Таа е составена од неколку десетина столбови кои се високи колку станбена зграда од десет ката. Нејзиниот ефективен дострел ќе го покрива воздушниот простор над Арктикот, преку скандинавските земји, Полска, Германија, басенот на Средоземното море, Турција, Израел, Сирија. Радарот на овој простор регистрира буквално сè, без оглед на големината на аеродинамичкиот објект, неговата брзина и висина. Неговата чувствителност оди до таму што веднаш открива лансирање на балистичка или на крстосувачка ракета, односно моментот кога таа се одвојува од земјата. Тука моментот на откривање е од клучна важност, зашто навреме овозможува адекватно известување на дежурните противракетни и противвоздушни системи за опасноста што доаѓа.