Во Керч е префрлен ракетниот систем „Бал“: Оружје кое може да уништи цела флота непријателски бродов

Виталиј В. Кузмин
Станува збор за моќниот ракетен систем коj од Крим и од брегот на Сочи покрива практично 90% од акваторијата на Црното море. Неговиот ракетен плотун може да нанесе катастрофални загуби на непријателските поморски борбени ефективи, од кои најголем дел светски воени морнарици никогаш не би закрепнале.

Русија во реонот на Керченскиот теснец пред три дена префрли противбродски одбранбени ракетни системи „Бал“. Основната цел на префрлањето борбена техника со вакви карактеристики е успешно неутрализирање на каква било насилна провокација до која може да дојде од страна на борбените бродови од трети земји кои би бошле од акваторијата на Црно море. На Интернет се појави и видеоматеријал на кој се гледа префрлањето на ракетните системи „Бал“ кои се наоѓаа на маршот во близина на градот Керч. Како што рековме, неговото преместување е поврзано со најновата ситуација во Керченскиот теснец преку кој преминува прекрасниот Керченски мост.

Основната задача на противбродскиот ракетен систем „Бал“ е обезбедување на поморските воени бази и бродови, а исто така и неутрализирање на масовен поморски десант со цел излегување на непријателските сили на копно, односно на брегот. Се карактеризира со висока ефикасност на дејствието, без оглед на метеоролошката ситуација или делот од денот (ден/ноќ). Едноставно кажано, ниту громови, ниту молњи, ниту оркански ветар, не можат да ги спречат ракетите кои се лансирани од овој ракетен систем, да дојдат до својата цел и да ја испратат на темното морско дно. Покрај овие важни карактеристики, неговите конструктори голем напор имаат вложено и во обезбедувањето на напредните способности на ракетата да надминува масивно дејство на непријателските средства за противелектронска борба, вклучувајќи ги и неговите системи за ПВО.

Тоа е мобилен систем кој се наоѓа на шасијата на тркала, што овозможува негово брзо префрлање од точка А на точка Б. Конкретно, ова зајакнување кое дојде во реонот на Керченскиот теснец стаса од Севастопољ, кој се наоѓа на полуостровот Крим.

Системот е составен од два пункта за командување и од врска кои ги „фаќаат“ непријателските цели на радарите и сите информации за нивните рочни координати ги проследуваат до транспортно-лансирните елементи на системите, вклучувајќи ги и податоците за траекторијата на летот на самата ракета и за комплетната информација која се однесува на основните параметри на гаѓањето. Во составот на еден систем може да има четири лансирни единици со вкупно 32 ракети (8 ракети на една лансирна единица). Тука се наоѓа и транспортно-логистичката компонента на системот, на која е натоварен дополнителен комплет ракети кои во мошне краток временски рок може да го подготви целиот систем за повторно дејство врз непријателот.

За време на изведувањето на масовен ракетен удар по наводните цели на непријателот, борбениот комплет од 32 ракети се лансира во рок од 100 секунди (што ќе каже по една ракета на секои три секунди). Веднаш по дејството од вакви размери, додека целата огнена положба е уште во облик на чад и прав кои се формирале од испуканите ракети, се пристапува кон повторно полнење на лансирните единици кое не трае подолго од 30 минути.

Со оглед на својата мобилност целиот комплекс по своето дејство мошне брзо може да ја промени својата огнена положба, што дополнително го комплицира евентуалниот контранапад од страна на непријателот.

Во состав на борбениот комплет на ракетниот систем „Бал“ влегуваат противбродските ракети Х-35/Х-35Э и Х-35У/Х-35УЭ. Нивниот ефективен дострел изнесува 260 километри. Благодарение на овие карактеристики, „Бал“ го покрива целиот дел од површината на Црно море.

„Без оглед на тоа, челните луѓе од Министерството за одбрана донесоа одлука овие системи да се префрлат поблизу до „реонот на провокациите“ (во Керченскиот теснец), зашто токму на ова подрачје постои најголем потенцијал од нови инциденти“, вели воениот аналитичар Дмитриј Сафонов.

Според него, Русија овие ракети ќе ги употреби во услови на непосредна опасност за своите војници, и ќе делува врз средствата од кои би можело да биде изведено огнено дејствие врз точките на руската армија. „Основната задача е ефикасно запирање на потенцијалната агресија до која би дошло доколку е неопходно. Ова е можност на која мора да се смета. Тие одлично знаат каква способност имаат овие средства, и што сѐ можат да предизвика „играњето со оган“ во овој, за Русија, мошне важен геополитички регион“, потсетува експертот.

По заробувањето на трите борбени пловила на украинската воена морнарица (два АОЧ и 1 Тг) кои ги повредија територијалните води на Руската Федерација, како и со апсењето на екипажот, Киев прогласи воена состојба во осум региони на Украина кои се наоѓаат во централните и во источните делови од оваа земја. Москва овој инцидент го нарече провокација, додека руското Министерство за надворешни работи за целиот случај ги обвини западните сили кои го спонзорираат раководството во Киев. Но, покрај дипломатските мери на претпазливост, присутни се и воените. Токму префрлањето на воениот противбродски ракетен систем „Бал“ во реонот на Керченскиот теснец е порака до сите дека Русија нема да си игра кога станува збор за заштитата на својата поморска граница, а особено на стратешкиот Керченски мост, кој покрај економското има и посебно психолошко значење.

Бал (индекс ГРАУ 3К60, ознака НАТО: SSC-6 «Sennight» (рус. „неделя“) е крајбрежен ракетен комплекс вооружен со противбродски ракети Х-35. Во вооружувањето се наоѓа од 2008 година. Неговата основна намена е ефикасна контрола на крајбрежниот појас и заштитата на водното пространство од непријателски пловила. Се користи за заштита на поважните воено-поморски пристаништа, крајбрежните градови, воената и цивилната инфраструктура како и за одбрана на чувствителните зони од евентуален поморски десант на непријателот. Една лансирна единица е опремена со 8 ракети Х-35/Х-35У сместени во лансирните контејнери. Овие контејнери се наоѓаат на мобилната платформа МЗКТ-7930. Една батерија ракетен комплекс „Бал“ е составена од команден пункт за управување и врска (2 единици), 4 лансирни единици со вкупно 32 ракети, и 4 логистичко-транспортни единици со капацитет од уште 32 ракети кои вршат и полнење на лансирните единици.

Комплексот може да користи 2 типа ракети. Х-35 (дострел од 120 до 200 километри) и Х-35У (со дострел од 260 километри). Обете ракети имаат дозвучна крстосувачка брзина на летот. Можат да уништат пловила со депласман и до 5.000 тони. Се наведуваат со помош на активни глави за самонаведување (системот пука и заборава). Постои и извозна варијанта на овој комплекс опремена со ракети Х-35УЭ.

Читајте уште: Детален извештај на ФСБ: Што сѐ од вооружување и муниција е заробено на украинските бродови?

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња