Руското оружје од дваесеттиот век стана познатo ширум светот благодарение на својата сила заедно со сигурноста и, веројатно она што е најважно, едноставната конструкција и едноставната употреба. Во оваа статија издвоивме три најпопуларни парчиња руско вооружување од 20 век во светот.
Лесен митралез Калашников (РПК)
Ова е еден од најраспространетите лесни митралези на светот (не треба да се меша со обичниот митралез). Денес постојат шест различни модификации на оваа платформа, а во следните неколку години тие повторно ќе бидат родени во телото на РПК-16 кој можете да го видите тука во нашиот извештај.
Овој митралез е направен за два типа муниција: 7.62х39 милиметри и 5.54х39 милиметри. Направен е според класичната шема на Калашников, но со мали измени. Така кај РПК, за разлика од АК, имаме подолга цевка на двоножец на расклопување, зајакнат разбивач на пламени, како и модифициран кундак кој овозможува згодно движење при подолго дејствие.
Платформата РПК исто така има добиени и зголемен магацин за муниција за 45 куршуми. Сепак, многу корисници на митралезот го критикуваа производителот за штедењето пари со што направи толку мал магацин.
Ова оружје е идеално за борба во урбани и во шумско-планински средини. Неговиот ефикасен дострел изнесува 450 метри. Тресењето е меко во споредба со другите митралези. Затоа лесно се контролира при дејство со долги и со куси рафали.
Единствени мани (кои се отстранети кај новите модели) се незаменливата цевка и малата рамка.
Митралезот може да се користи и како фиксен кога е монтиран на троножец, а може да се монтира и на оклопни борбени возила. Ова оружје е користено во речиси сите војни во втората половина на дваесеттиот век, а и понатаму останува во производство во Русија и во други земји.
РПГ-7
Рачниот противтенковски фрлач на гранати од типот РПГ-7 е најраспространетото противоклопно средство на светот. Се користи во борба против оклопни возила и денес е веројатно еден од главните фрлачи на гранати во рацете на „лошите момчиња“ од холивудските филмови. За првпат е користено во текот на Виетнамската војна од 1965-1974 година.
Уште една важна одлика на овој фрлач е неговото мало тресење, како и лесната употреба и лесното производство. Фрлачот на гранати е составен од три дела: цевка (која има излезен дел и труба за ослободување ракетен гас на гранатата), оптичко-механички нишан и механизам со петле.
Главната задача на овој фрлач е уништување на противнички оклопни возила и фортификации. Неговиот ефикасен дострел изнесува околу 330 метри. Имало случаи во кои ова средство е користено против несколетачки цели – хеликоптери и офанзивни авиони. Но, со развојот на портабл ракетите за ПВО како што е американскиот „Стингер“, ваквата примена падна во категоријата „трошење муниција“.
АК-47
Најважното руско оружје, без никаков сомнеж, е АК-47. Тоа била првата автоматска пушка во оваа земја со калибар од 7.62х39 милиметри која може да функционира на дожд, во кал и мраз и во жештините на Сахара.
Постои дури и поговорка „сигурен како автоматот Калашников“.
Ова оружје има ефикасен дострел од 300 метри. Муницијата на оружјето се покажа толку моќна што може да дупчи ѕидови од тула и да го погоди противникот зад нив. Поради сево ова оружјето е продадено во 100 милиони парчиња, според процените на Оксфордскиот универзитет.
„Класичниот“ АК-47 е направен со дрвена облога и со кундак кои подоцна биле заменети со делови од залепен фурнир. Оружјето има поминато низ бројни модификации и подобрувања, а моментално се подготвува за големо враќање во форма на пушката АК-12, со која можете подетално да се запознаете во нашата емисија.