Еве кога и како руската приватна космичка компанија „S7 Space“ ќе ја лансира својата прва ракета

S7 Space
Првото лансирање на ракетата на чиј развој работи приватната руска космичка компанија „S7 Space“ би можело да се случи за три години. Се планира при лансирањето да се извршат летечки испитувања на новиот товарен брод, изјави директорот на компанијата Сергеј Сопов.

„S7 Space“ прави сопствена ракета базирана на нацртите на новиот космички носач „Сојуз-5“, на чиј развој работи државната ракетно-космичка корпорација „Енергија“, соопштуваат руските медиуми.

Директорот на „S7 Space“ изјави дека државната космичка агенција „Роскосмос“ ѝ понудила на наведената фирма да учествува во правењето на ракетата „Сојуз-5“: „Се согласивме, но ние независно ќе направиме своја верзија на ракетата, за наши сопствени потреби и задачи, базирана на нацртот за „Сојуз-5“. Нашата ракета во рамките на компанијата го доби кодниот назив „Сојуз-7“ и „Сојуз-7SL“ (скратено од 'Sea Launch', т.е. верзија која може да се лансира од поморски платформи. Заб. на прев.). Нејзината основна карактеристика ќе биде можноста за рециклирање, односно за повеќекратна употреба“.

Сопов изјави дека тие „во рамките на првото лансирање на новата ракета, што ќе се случи отприлика за три години, предлагаат и вршење на летечка проба на новиот транспортен брод“.

Тој додаде дека „Роскосмос“ може да нарача „лансирања на шест бродови“ од „S7 Space“, со што би обезбедил работа и за своите претпријатија. Освен тоа, компанијата ѝ понудила на државната агенција „да склучи договор за лансирање на 76 ракети, вклучувајќи 24 од поморски платформи (т.е. од пловен космодром на компанијата „S7 Space“), до 2042 година“.

Притоа на компанијата „S7 Space“ не ѝ се потребни парите на „Роскосмос“, потребен ѝ е само „цврст договор, за да знаеме дека нашите ракети ќе имаат полезен товар“.

Се истакнува дека „S7 Space“ веќе почнал да составува проектни тимови за правење на лансирни летала, и тоа на чело со Игор Радугин, кој неодамна прејде во оваа фирма од РКК „Енергија“.

Главната цел е „да се направи вселенски транспортен систем кој ќе може да се користи во блиска иднина“, рече Сопов.

Според неговото мислење, ракетите за еднократна употреба станале неконкурентни, а без мотори за повеќекратна употреба приватна компанија не може да опстане на комерцијалниот пазар: „Да се натпревруваме со фирмите кои сега го преземаат пазарот со помош на ракети за повеќекратна употреба, користејќи еднократни носачи не е дури ни смешно“.

Во современи услови, еднократната ракета е „ефикасна колку и еднократен авион“, а производството на еднократни носачи „не е дури ни тапкање во место, туку назадување“.

Според раководителот на „S7 Space“, главното прашање не е во тоа како да се врати употребена ракета, „туку пред сѐ во нејзините ресурси, односно циклусите на ремонт и интензивното техничко одржување“.

А во овој момент „сите видови и системи на ракети кои се користат во Русија се еднократни, односно не можат да се користат пвоеќе пати“.

За повеќекратно лансирање на ракети „S7 Space“ планира да го модернизира тнр. „Морски старт“, бидејќи целата опрема, како на командниот брод, така и на лансираната платформа на пловечкиот космодром, е застарена.

„Направена е пред дваесет години. Ресурсот на целиот систем трае уште 25 години. За тоа време е можно да се изведат лансирања на закажаните и претстојните ракети „Зенит“ и на нашиот нов носач кој е во фаза на развој“, рече Сопов.

Тој исто така истакна дека „колку подоцна го направиме новиот носач, толку помалку време ќе остане за неговото лансирање од „Морски старт“.

Се наведува дека „како и во случајот на кој било друг технички сложен објект, и во случај на капитален ремонт и модернизација ресурсот може да биде значително зголемен“.

Згора на тоа, „S7 Space“ сака да направи сопствена фабрика за производство на повеќекратни ракети.

Затоа е во план компанијата „да купи компоненти од партнерските претпријатија и да го изведе финалното склопување на ракетите според документацијата на „S7 Space“, и тоа во својата фабрика.

Во септември „S7 Space“ вети дека ќе направи ракета за повеќекратна употреба во рекорден рок.

Претходно главниот руски конструктор на лансирни возила и заменик-генерален директор на водечкиот научен институт на „Роскосмос“ ЦНИИмаш Александар Медведев изјави дека достигнувањата на основачот на американската приватна вселенска компанија „Space X“ Илон Маск се базирани на советски технологии.

Прочитајте повеќе: Руска космичка компанија направи предизвик за Илон Маск?

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња