Русите му прават наследник на ударниот хеликоптер Ка-52 „Алигатор“ кој ќе лета со брзина од 700 км/ч

Виталиј В. Кузмин/Wikipedia.org
Во Русија се проектира хеликоптер од нова генерација кој ќе лета со брзина од 700 км/ч. Се работи за летало кое во голема мера ќе личи на современиот руски борбен хеликоптер Ка-52 „Алигатор“.

Информациите за новиот проект за супербрз борбен хеликоптер од нова генерација што го развиваат руските конструктори се појавија на различни медиумски платформи на интернет. Проектот за перспективен борбен хеликоптер ја заинтересира како јавноста во Русија, така и во светот. Во целина, реакциите на оваа вест собраа многу симпатии меѓу публиката која го следи развојот на современото вооружување и воената техника, а нам ни останува да видиме дали овој проект на крајот на својот развоен пат ќе биде толку успешен што ќе доведе до сериско производство, што во крајна линија ќе претставува револуција во технологијата на производство на хеликоптери.

„Перспективниот борбен хеликоптер“ во дизајнерска смисла ја зеде основата од позната летечка платформа која ја краси фамилијата хеликоптери „Камов“, а тоа се препознатливите коаксијално поставени една над друга хеликоптерски елиси. Покрај тоа, видливи се и бочно распоредените „авионски“ крила, на кои ќе се закачува убојното вооружување како и друга современа опрема. Исто така и тркалата при летањето ќе се вовлекуваат во трупот на леталото. Екипажот ќе биде исто распореден како кај ударниот хеликоптер Ка-52 (ќе седи во иста кабина еден до друг – заб. на прев.). Покрај воената верзија на хеликоптерот, планирано е конструирање и на цивилна верзија за превоз на патници. Неодамна на саемот на воздухопловство е прикажан и друг перспективен проект на хеликоптерот од идна генерација Ка-90.

Во овој момент руските воздухопловни конструктори работат на развој на хеликоптер кој ќе се одликува со брзина која за 1,5-2 пати ќе биде поголема од постојната. Специјално за развој на овој проект е направена летечка лабораторија врз база на легендарниот ударен хеликоптер Ми-24 „Крокодил“. На тестирањата оваа специјална верзија на „Крокодил“ успеа да достигне брзина од 400 км/ч.

И Американците развиваат своја верзија на перспективен борбен хеликоптер кој ја носи ознаката S-97 Raider, а кој ќе може да лета со брзина до 450 км/ч. Овој модел во моментов се наоѓа во фаза на испитување.

Погледнете зошто Ka-52 „Алигатор“ e еден од најдобрите јуришни хеликоптери на светот

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња