Максималната висина на летање на Ка-52 е 5500 метри, а стапката на искачување 10 метри во секунда. Фотографија: Александар Медведев.
Јужниот воен округ (ЈВО) во првата половина на годинава ќе добие над десет хеликоптери Ка-52 „Алигатор“, а првата партија беше доставена веќе во февруари годинава, изјави Игор Горбуљ, началник на информативната служба на ЈВО.
„Во воздухопловната база на копнената авијација на ЈВО, стационирана во Краснодарскиот крај, се вршат подготовки за останатиот дел од новите борбени хеликоптери Ка-52 ‘Алигатор’, додека првата пратка стаса во текот на минатиот месец“, изјави Горбуљ.
Тој прецизираше дека во првата половина на 2013 година е планирана испорака од над десет вакви летачки апарати за воздухопловната база на копнената авијација, а првите плански летови на „Алигатор“, според програмата на воената обука, треба да бидат реализирани деновиве.
„Модернизацијата на вооружувањето на воздухопловната база на ЈВО е во полн ек. Базата, освен првата пратка на „Алигатор“, доби и над десет хеликоптери Ми-28Н ‘Ноќен ловец’, нови ударни хеликоптери Ми-35М и модернизирани Ми-8АМТШ. Сите хеликоптери од новата генерација се опремени со системите за сателитска навигација ГЛОНАСС и GPS“, нагласи официјалниот претставник на воениот округ.
Вооружувањето на борбениот хеликоптер Ка-52. Фотографија: flickr/Di-mann.
Тој истакна дека дополнителната обука на пилотите што ќе управуваат со овие типови хеликоптер се извршува во Центарот за борбена обука и за усовршување пилоти на копнената авијација во Тверската област. „Третина од пилотите од нашата единица веќе ја минаа дополнителната обука за управување со модерните типови хеликоптери Ми-28Н, Ми-35М, Ми-8АМТШ и Ка-52. Интензитетот на летовите со новите апарати е значително зголемен, се лета и по осум до десет часа на ден, со тоа што најмалку 50% од летовите се вршат ноќе“, прецизираше Горбуљ.
Според податоците на Министерството за одбрана на Руската Федерација, Ка-52 може да уништува блиндирана и неблиндирана техника, жива сила на бојно поле, а, исто така, и воздушни цели. Апаратот развива брзина од 310 километри на час. Максималната висина на летање е 5.500 метра, степенот на искачување е 10 метри во секунда, максималниот долет во борбени услови е 520 километри, а без оптоварување – над 1.000 километри.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче