САД продолжија да вршат силен притисок врз владата во Њу Делхи заради нејзината цврста намера да ги набави од Русија современите противвоздушни системи С-400. Тие притоа ѝ се закануваат на Индија дека и за неа ќе се однесува фамозниот Закон за борба против американските противници по пат на економски санкции – CAATSA, кој веќе опфати држави како што се Иран, Северна Кореја и Руска Федерација. CAATSA всушност претставува „камшик“ во рацете на американската администрација со кој таа им се заканува на други држави кои имаат намера да соработуваат со Русија во воено-техничката сфера. Токму овој нов момент во односите меѓу Вашингтон и Њу Делхи може значајно да ги ублажи ставовите на Индија кога е во прашање реактивирање на работата над проектот FGFA.
Имено, пред неколку месеци Индија изјави дека го откажува заедничкиот проект со Русија околу развојот на борбениот ловец од петта генерација FGFA. Овој прекин на соработката е наводно производ на несогласувањето меѓу страните-учеснички во овој проект, а кој главно беше поврзан со проблеми од техничка природа што ги упати индиската страна. Најмногу е истакнуван проблемот на недоволното ниво на стелтност-невидливост на леталото и квалитетот на авионскиот мотор кој според нив не бил соодветен за авион од петта генерација.
Откако Индија го напушти заедничкиот проект, во медиумите во оваа држава беше јасно дека командата на индиското воздухопловство направила крупна грешка. Едноставно, еден многу сериозен проект (во светот има само неколку држави кои имаат способност да направат авион од петта генерација) е „миниран“ со избрзана одлука на државата на која ваков авион ѝ е насушно потребен. Имено, Индија брзо се соочи со суровиот факт дека нејзиниот заколнат геополитички непријател – Кина – уште тогаш располагаше со технологија на изработка на авион од петта генерација, што наскоро и го потврди со реализација на својот проект Ј-20 „Ченгду“.
Кога кинеските „невидливи змејови“ почнаа да ги крстосуваат небесните височини Индија, благодарение на својот стратешки лош потег за откажување од проектот FGFA, почна да се свртува кон САД, каде со Американците почна преговори околу набавка на американскиот авион од петта генерација F-35. Ова принудно, и по својата суштина неприродно танго, траеше сѐ до моментот кога Индија се прекрши и конечно се реши за потребните на својата ПВО да ги набави руските ракетни системи С-400 „Триумф“.
Сега е кристално јасно дека Индија повеќе нема да може да смета на набавка на американскиот ловец од петта генерација F-35, затоа што го потпиша договорот со Русија за набавка на системите С-400 и со самото тоа се најде на листата со санкции која ја дефинира пакетот CAATSA, а и самата веќе нема толку силна желба да реализира ваков договор од повеќе практични причини.
Прво, набавката на ваков авион бара обемно реструктуирање на постојната инфраструктура, вклучувајќи и набавка на американски „воздушни танкери“ кои единствени можат логистички да поддржат евентуална воздушна операција во која би учествувале овие авиони. Втората причина се однесува на ставот на САД кој оваа држава веднаш на почетокот го обелодени, а кој гласи дека тие немаат намера да ја делат својата технологија со земји кои не биле интегрален дел на проектот F-35. И конечно, самото купување на авионите и нивното понатамошни одржување и модернизација би довеле до баснословни трошоци кои би биле исклучително големо оптоварување и за воениот буџет каков што има Индија.
Во овој момент во Русија почна фазата на тестирање на авионскиот мотор од тнр. „Втора етапа“ предвиден за авионите од петта генерација Су-57. Според првите показатели силата на овој мотор благодарение на новите технологии е значително зголемена. Така, на пример, во фазата на дополнително согорување новиот мотор кој ја носи ознаката „модел 30“ достигна сила на потисок од 18 тони (последните информации зборуваат дека овој мотор остварил потисок од дури 19,5 тони). Со овие перформанси рускиот мотор е посилен од американскиот пандан Pratt & Whitney F135 интегриран на F-35. Ако се знае дека почетната верзија на новиот мотор оствари потисок од „само“ 15 тони, се работи за исклучителен технолошки пробив. Да речеме, температурата на гасовите кои механизмите на овој мотор можат без проблем да ја издржат, а кои се создаваат пред турбината на моторот, достигнува цели 1830 степени Целзиусови. Од овие показатели можеме да заклучиме дека овој мотор ќе му овозможи на рускиот ловец Су-57 значително повисоко ниво на маневербилност во воздухот во однос на своите пандани.
Можеме само да претпоставиме како се чувствуваат сега индиските генерали кои поради својата брзоплетост зачинета со надворешни притисоци донесоа одлука да го напуштат проектот FGFA кој како своја база го имаше сигурно најдобриот борбен авион на светот Су-57.
Во овој момент Индија мора јасно да одреди каква перспектива за нејзиното Воено воздухопловство гледа во децениите кои доаѓаат. Што се однесува до авионот од петта генерација, сосем сигурно е дека таков тип на летало со своите изискувачки карактеристик можат да прават само технолошки исклучително моќните држави (САД, НР Кина и Руска Федерација). Значи, се поставува прашањето дали тие и понатаму ќе истрајуваат на своето нетактично гледиште кое доведе до нивно излегување од заедничкиот проект FGFA и ќе останат без каква било шанса во своето воздухопловство да имаат летала од петта генерација или во целосен обем и интензитет ќе се вратат во проектот каде со руските партнери ќе ја довршат започнатата работа. Се разбира, под услов сега и Русија да сака да се врати во тој проект што, после сѐ што се случи, е големо прашање.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче