Руските експерти откриваат: Еве зошто пропадна проектот за „индиски“ Су-57

Евгениј Бијатов/Sputnik
Русија не сака да ги открива тајните технологии на ловецот од петтата генерација „за мали пари“, а Индија не сака да го „одврзе кесето“ за технологија која, наводно „не одговара на статусот на ловец на новиот милениум“.

Кон крајот на април Индија ја напушти заедничката руско-индиска програма за создавање перспективен повеќенаменски ловец од петтата генерација FGFA на база на моделот Су-57.

Индија овој потег го образложи со тврдењето дека рускиот проект не одговара на нејзините потреби, а борбената авионика, радарите и сензорите на рускиот модел сè уште не се на нивото на стандардите за петтата генерација.

Од друга страна Индија е подготвена во иднина да размисли и да ги преиспита плановите, па дури и да ги купи од Русија овие авиони од сериското производство доколку тие победат на тендерот.

Која е вистинската причина за откажувањето на Индија од финансирањето развој на проект на ловец од петтата генерација за своето воено воздухопловство?

Камен на препнување

Во заедничката работа со Индија имаше многу проблеми уште на самиот почеток. Според мислењето на експертите, откажувањето од „индискиот“ Су-57 воопшто не е предизвикано од неусогласеноста на авионите со новата ера.

Првобитно во 2007 година страните потпишаа договор според кој индиската страна вложува околу 300 милиони американски долари во создавање скици и технички нацрти на идниот авион. Подоцна излезе дека истражувањето, создавањето на првите модели и организирањето на комплетниот циклус на производството чини шест милијарди американски долари кои Русија ги вложи од сопствениот буџет.

„Тука и дојде до несогласување. Русија со започнувањето на производството на Су-57 во Индија би му ги ставила на располагање на Делхи сите технологии на ловечките авиони. Индијците мислеа дека Русија без размислување би им ги открила резултатите од своите истражувања само затоа што имаат вложено 300 милиони американски долари во проект кој чини шест милијарди американски долари. Сепак, во договорот не постои ваков параграф, така што Москва одби да им ја предаде на инвеститорите сета документација“ вели за Russia Beyond-Македонија Павел Булат, раководител на Меѓународната лабораторија за механика и енергетски системи при Универзитетот за информациски технологии, механика и оптика.

Веќе по првиот експериментален примерок во 2010 година Индија изрази подготвеност да купи 214 ловци FGFA (индиска варијанта на Су-57), со тоа што тие да бидат направени исклучиво на нејзина територија.

Според Булат, Русија е подготвена да му ги открие на Делхи сите технологии и да започне производство на ловците Су-57 во Индија, но најмалку за пет милијарди американски долари. Индијците тврдат дека за толку пари и самите, без ничија помош, можат да направат ловечки авион од петтата генерација.

„Индија смета дека со тоа сосема ќе ги покрие трошоците за создавање Су-57. Тоа е така, но корпорацијата 'Сухој' резонира вака: 'Ако не сакате да платите пет милијарди американски долари за технологијата и за производството на најдобрите ловци на светот во вашата земја, тогаш самите направете си таков авион'. Сѐ е мошне едноставно“, истакнува Булат.

Првите сериски модели Индијците ќе можат да ги купат од Русија за една-две години, за кога корпорацијата „Сухој“ го организира комплетниот циклус на производство.

Претставниците на корпорацијата не кријат дека уште многу работи треба да се направат на овој авион. Сепак, на почетокот на декември 2017 година успеаја да го кренат во воздух првиот Су-57 со нов мотор.

Какви можности носи новиот мотор?

По завршувањето на тестирањето новиот мотор ќе му овозможи на ловецот Су-57 без форсажно согорување да развие хиперсонична брзина и постојано да лета со истата брзина.

„Тоа ќе биде брзина од 1.6 маха, односно околу 2.600 километри на час, во зависност од теренот над кој лета авионот. Благодарение на новиот мотор и на новите композитни материјали ќе биде значително потешко да се детектира Су-57 на радарите“, вели за Russia Beyond-Македонија професорот од Академијата за воени науки Вадим Козјулин.

Според него, конструкторите некаде до 2020 година во целост ќе го интегрираат новиот мотор во авионот и ќе ги усовршат сите детали. „Сухој“ треба уште да ја усоврши радарската станица и да ги отстрани последните недостатоци во концепцијата на конструкцијата која, според мислењето на експертот, во моментов спаѓа меѓу најсовремените кога станува збор за авионите од петтата генерација.

Какво оружје ќе добие Су-57?

Најмодерниот авион треба да има и најмодерно оружје.

Покрај ракетите „воздух-воздух“ и „воздух-земја“ како и топот со калибар од 30 милиметри, Су-57 ќе добие цела низа бомби кои нема да бидат закачувани на крилата, ами ќе бидат скриени во трупот, со цел авионот да биде помалку воочлив на непријателските радари.

Во текот на сириската кампања руската војска тестираше еден дел од вооружувањето кое може да биде доделено на ловците од петтата генерација. На пример, сега се разгледува варијантата Су-57 да ја носи шрапнелно-разорната авионска бомба ОФЗАБ-500 и термобаричката авионска бомба ОДАБ-500ПМВ.

Тестирањето на сите верзии на оружје за Су-57 се врши напосредно со тестирањето на летот на самиот авион. Се очекува на почетокот на следната деценија во рускиот арсенал да се појават „јастреби“ кои до заби ќе бидат вооружени со најсовремено оружје.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија
Дознајте повеќе