Во што е тајната на прецизноста на „кремљовската пушка“ која го штити Владимир Путин

Иља Питалев/Sputnik
Снајперската пушка Т-5000 која ја користи обезбедувањето на Владимир Путин е во самиот светски врв според прецизноста и сигурноста. Еве и зошто.

Федералната служба за безбедност на Руската Федерација, која е одговорна за сигурноста на Владимир Путин и другите државни функционери, ја усвои руската снајперска пушка Т-5000. Ова оружје е дел од комплексот „Прецизност“, и тоа не само по името. Кога се работи за сигурност и беспрекорна прецизност, Т-5000 е нешто најдобро што Русија има да го понуди. Поради тоа ФСО – служба која може многу да бира – се реши за рускиот производ, место за пушките на познатиот британски производител Accuracy International.

Тајната на прецизноста на пушката Т-5000 лежи во нејзината цевка. Направена е од не`рѓосувачки челик и тоа со техника на единично режење. Тоа е технологија која чини најмногу пари и време, но се исплати при правењето на високопрецизно вооружување, пишува „Форбс“. Во производството на оваа руска пушка се користи германска опрема за обработка. Притоа, од дупчењето на цевката, до составувањето на готов производ, цевката поминува низа операции. Потоа следува темелна инспекција која вклучува и интроскопско скенирање на каналот на цевката.

Алуминиумската рамка на Т-5000 не само што ја намалува масата на оружјето, туку дозволува и цврсто монтирање на нишанска и друга опрема. Кундакот е пластичен, телескопски, со можност за прилагодување во склад со потребите на анатомијата на стрелецот. Во кундакот се наоѓа и додатен монопод за фиксирање на оружјето во режим на чекање. Севкупно, оваа руска пушка поседува добро осмислени решенија со кои се олеснува работата на снајперистот. На пример, затворачот може да се симне и расклопи на терен, без каква било дополнителна опрема, за само неколку минути. Тоа, на пример, е важно во ситуации кога затворачот ќе се заглави.

Пушката е дизајнирана на начин да може да користи пет типови на муниција. Најсилната од нив е .338 Lapua Magnum. Овој 16,2 грама тежок куршум излетува од цевката при брзина од 900 метри во секунда, така што може да се користи за мети оддалечени и до 2,5 километри, па и повеќе. Цевката на Т-5000 за овој калибар е долга речиси 70 см и е опремена со регулатор на отскокнувањето за да се компензира силниот повратен удар. Голема предност на оваа пушка е нејзината мултикалибарност. Во исти теренски услови, со замена на цевката и неколку преправки, можно е за 20 минути да се прилагоди оружјето за употреба на муниција со друг калибар, во зависност од задачата.

Т-5000 е модерна пушка за прецизни дејства и ги надминува сите претходни руски модели, се вели во заклучокот на статијата. Поседувајќи ги во својот арсенал ова и други оружја, ФСО е во состојба на најдобар можен начин да го заштити државното раководство.

Погледнете го видеото: Претседателот Путин стрелаше од новата снајперска пушка СВЧ-308

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња