„Системот е развиен на модуларен принцип што овозможува негово поставување на различни мобилни платформи како што се на пример на тркала или гасенични возила чија носивост не е помала од 3.5 тони. Борбениот модул на системот „Сосна“ е тестиран на различни мобилни платформи кои користат БТР-82, БМП-2, БМП-3, БМД-4 (последниот има можност од воено-транспортен авион да десантира со специјални падобрани - заб. прев.). На големиот воен саем „Армија-2018“ за посетителите беше демонтирана „Сосна“ која се наоѓа на мобилна платформа со зголемена оклопна заштита и со голема проодност МТЛБ. Покрај тоа, системот има можност за константна модернизација со додавање перспективни примероци на автоматско борбено командување“ истакнува Уклеев во интервју за новинската агенција „Краснаја звезда“, чија содржина ја пренесува РГ.
Со борбениот модул „Сосна“ управува еден оператер. Неговото формациско место е опремено со монитор и со команден пулт. Иако станува збор за целосно автоматизиран систем, крајната одлука за отворање оган сепак ја донесува човек.
Главната карактеристика на противвоздушниот ракетен систем „Сосна“ е во тоа што таа нема свој радар. Зошто е тоа така?
Причината за ваквата конфигурација на оружјето, кое патем речено не е толку честа кога станува збор за мобилни противвоздушни ракетни системи, се темели на еден мошне важен фактор. Имено, непостоењето на радар ѝ овозможува на „Сосна“ прикриено да дејствува што во крајна линија го продолжува нејзиниот животен век на фронтот. Во современата војна основната цел на непријателските воздухопловни сили е неутрализирање на сите копнени огнени точки кои зрачат електромагнетно ракетно зрачење. Ракетарите постојано „ловат“ непријателски средства опремени со радиоизвидувачки и со електронски системи за детекција на радарското зрачење, на кои потоа се испукуваат специјализирани противрадарски ракети кои самостојно се насочуваат кон изворот на зрачењето. Доколку не постои радарско зрачење, тогаш сето ова оружје станува целосно бескорисно.
Во горниот дел на борбениот модул „Сосна“ се наоѓа жиростабилна платформа на која е разместен блок со оптичко-електронска опрема која се состои од повеќеканален систем за наведување (термовизиска и телевизиска техника) плус ласерски далномер и ласерски озрачувач за управување со ракетата. Неговата оптика има можност да го открие и да го следи леталото со големина на ловец на оддалеченост од неколку десетина километри.
„Ласерскиот озрачувач не е случајно избран кога станува збор за принципот на наведување на ПА ракета. По интеграцијата на ласерскиот индикатор на боевата ракета, која покрај тоа користи и радиокоманден систем за насочување, ефективниот дострел на ракетата е зголемен за дури двапати, поточно достигнува хоризонтален дострел од 10 километри. Притоа, тежината на ракетата е намалена за приближно двапати што овозможува додавање на поголема боева глава со маса од 7.2 килограми, која сразмерно станува мошне поефикасна. Истовремено со овие технички модификации намалена е и цената на самата ракета, како и цената на применетите системи за нејзино насочување“, нагласува нејзиниот главен конструктор.
Втора, не помалку значајна, карактеристика на овој систем е респектабилниот борбен комплет кој е составен од 12 насочувачки ракети од класата земја-воздух со калибар од 130 милиметри, кои можат да погодат различни воздушни објекти чија брзина достигнува 300 метри во секунда на далечина од 10 километри и на висина до 5 километри. Овие ракети се сместени на ротирачки модул кој покрива простор од 360 степени околу возилото. На него се наоѓаат 2х6 ракети „Сосна-Р“ кои се сместени во специјални транспортно-лансирни контејнери кои се слични како на ПВО системот „Панцир“.