„Работите на зголемување на дострелот кај наведувачкото ракетно вооружување на ударните хеликоптери Ка-52 'Алигатор' се веќе во тек“, пренесува новинската агенција ТАСС, повикувајќи се на информативната служба на холдингот „Вертољоти Росии“.
„Ударниот хеликоптер Ка-52, како впрочем и секое летало што го произведува нашиот холдинг има голем потенцијал за модернизација. Во рамките на таквите работи ние планираме да го зголемиме дострелот на примената на ракетното вооружување и да го унифицираме со другите типови ударни хеликоптери од руско производство“, нагласуваат од информативната служба на холдингот. Но, во компанијата не прецизираа за какви ракети станува збор.
Покрај работата на зголемување на дострелот на ракетното вооружување за ударните хеликоптери Ка-52 „Алигатор“ холдингот „Вертољоти Росии“ работи и на „унапредување на радиоелектронската компонента на хеликоптерот, како и на современи системи за негова заштита“, соопштува информативната служба на холдингот „Вертољоти Росии“. Овој холдинг постојано ги унапредува своите хеликоптери, земајќи ги предвид најновите борбени искуства на пилотажниот и инженерско-техничкиот состав кои се добиени во Сирија. Во координација со холдингот „Швабе“ се работи на длабока модернизација на комплетниот систем за управување со оган кој ќе обезбеди зголемување на далечината во распознавањето и откривањето цели. Основната цел на овие активности е техничка интеграција на хеликоптерот со нова генерација наведувачко оружје кое допрва треба да влезе во оперативна употреба.
Во моментов Ка-52 „Алигатор“ може да применува наведувачки ракети „Вихр-1“ кои се дел од противтенковскиот ракетен комплекс „Вихр-М“. Заменик-началникот на Генералштабот на Војската на Руската Федерација генерал Игор Макушев, уште минатата година изјави дека борбените хеликоптери Ми-28Н и Ка-52 успешно ги примениле ракетите „Вихр“ во рамките на антитерористичката операција во Сирија.
Што претставува овој систем?
Комплексот наведувачко оружје „Вихр-М“ е составен дел од хеликоптерите Ка-52 „Алигатор“. Овој хеликоптер може да носи до 12 суперсонични ласерски наведувачки ракети 9М127-1 „Вихр-1“ кои се специјално проектирани за борба против современите тенкови.
Нејзината најважна карактеристика е исклучителната брзина која ја постигнува за време на својот лет и која достигнува 610 метри во секунда (американскиот аналог -114 Hellfire лета со брзина од 'само' 420 метри во секунда). За сликовите да се објасни колку оваа ракета е брза, треба да се наведе и брзината на ракетата „Маљутка“ (120 метри во секунда) или ракетата 9М111 која се лансира од ракетниот систем „Фагот“ (200 метри во секунда).
Пробојноста на тандем-кумулативната боева глава со кои е опремена ракетата „Вихр-1“ се проценува на 1.000-1.200 милиметри хомогена челична плоча заштитена со реактивен оклоп. Ефективната зона на употреба на оваа ракета е од 0.5 до 8.0 (10) километри.
Според определени извори, рускиот холдинг „Вертољоти Росии“ планира своите нападни хеликоптери (Ка-52, Ми-28Н, Ми-35 и Ми-8АМТШ) во перспектива да можат да го употребуваат универзалниот ракетен систем „Гермес-А3“ кој ќе поседува ракети чиј дострел ќе изнесува 20 километри! Според овие информации, системот сериски се произведува уште од 2011 година.