Опстанокот на пчелите во природата е загрозен. Ова е делумно предизвикано од инсектицидите и од слабата паша, но се чини дека главната причана сѐ уште е непознатa.
Денес поголемиот дел фармери мораат да купуваат или да изнајнуваат роеви пчели, што ја зголемува цената на храната, според податоците на U.S. Bee Informed Partnership. Притоа, американските пчелари изгубиле 40% од своите кошници.
Руските научници од Томскиот политехнички универзитет сега нудат алтернатива: робопчели. Истражувачите планираат проектот да стартува во 2019 година,а прототипот ќе биде барем седум пати поголем од вистинската пчела, што значи дека ќе биде со големина на човечка дланка.
Само за користење во пластеници
Според Алексеј Јаковлев, директор на школата за инженеринг при Томскиот политехнички универзитет, вештачките пчели ќе бидат особено корисни за запрашување јагоди и други билки кои се одгледуваат во пластеници во текот на цела година.
„Планираме да развиеме робопчели, алгоритам и софтвер, како и оптички систем и методи за препознавање за прецизно позиционирање“, вели Јаковлев. Производството на првата партија од 100 летачки роботи ќе чини околу 1.4 милиони американски долари.
„За запрашување во текот на цела година во големите пластеници фармерите користат бумбари“, вели Јаковлев. Еден рој бумбари чини околу 500 долари. Назима тие летаат под инфрацрвено осветлување кое ја симулира сончевата светлина, но напролет целиот рој бумбари може да избега. Тоа, секако, е економска загуба.
Роботите, од друга страна, ќе работат нон-стоп и никогаш нема да избегаат.
Но, вештачките пчели нема да го решат проблемот со изумирањето на пчелите, вели Јаковлев. „Робопчелите“ ќе ги користиме само во пластениците, надвор од природната средина“.
Производителите на јаболки, вишни и други видови овошје и зеленчук главно користат отворени полиња. Одгледувачите на бадеми во САД, на пример, годишно плаќаат околу 2.000 долари за пчелини кошници, додека одгледувачите на боровници плаќаат по 110 долари за кошница, а одгледувачите на јаболки околу 70 долари.
Некои земјоделци и земјоделски компании ја разгледуваат можноста да ги запрашуваат билките со алтернативни видови инсекти. Според експертите, постојат и други важни запрашувачи, како што се лилјаците, мувите и комарците.
Кога ќе полетаат робопчелите?
Досегашните обиди да се направи вештачка пчела беа неуспешни. Во 2017 година Еиџиро Мијако, истражувач од јапонскиот Национален институт за напредна индустриска наука и технологија направи дрон за транспорт на полен меѓу цветовите.
Долнииот дел на дронот е покриен со коњски влакна и премачкан со специјален леплив гел. Кога дронот ќе долета до цветот, зрната на поленот се лепат за гелот, а потоа се бришат на следниот цвет.
Во експериментите дронот успеа да ги запраши јапонските лилјани. Меките, флексибилни животински влакна не ги оштетија прашниците, ниту толчниците при слетувањето на дронот на цветовите.
Сепак, тимот на Мијако сѐ уште работи на изработката на автономни дронови кои би можеле да им помогнат на фармерите. ГПС, камери со висока резолуција и вештачка интелегенција се нештата кои се потребни за дроновите самостојно да можат да го најдат патот меѓу цветовите и да слетаат право на нив.
Постојат и други инспиративни проекти. Истражувачите од Харвардскиот универзитет направија робопчела која е полесна од десетиот дел на грамот. Таа поседува паметни сензори кои реагираат на околината, имитирајќи функција на око кај вистинските пчели.
Лабораторијата „Чарлс Старк Дрејпер“ на Кембриџ во Масачусец работи на проектот DragonflEYE кој би можел да има примена во запрашувањето.
И, конечно, во март корпорацијата „Валмарт“ регистрираше патент на дрон-запрашувач.
Но, овие прототипи сѐ уште се доволно напредни за масовно користење. Уште многу време и работа треба да се вложи пред првиот рој робопчели да тргне кон полињата.